Протести и конгресни сослушувања против Обама
Во десетици американски градови синоќа се собраа мали групи демонстранти кои протестираа против, како што тврдат, праксата на даночната служба ИРС „намерно да гони опозициски групи“.
- Нам, од Институтот за лидерство, ни побараа 24.000 страници документи за нашите активности само во 2008 година. Потрошивме 50.000 долари за адвокати, за да се застапуваме и одбраниме од постапките на ИРС. Нашата организација е постара, голема организација, но има многу групи кои се формирани од обични семејства и кои не можат да си дозволат да плаќаат адвокати да се заштитат од даночната служба, изјави претставник на Институтот за лидерство, конзервативна образовна институција од Вашингтон, на вчерашниот протест пред централното седиште на службата ИРС, каде се собраа неколку десетици припадници на ултраконзервативното движење „Чајанка“.
Движењето „Чајанка“ е насочено против американскиот претседател Барак Обама, кое инспирацијата ја црпи од протестното фрлање на чај во пристаништето во Бостон во 1773 година со кое почна Американската револуција против британскатавласт.
- ИРС не одговори на ниту едно од прашањата, ќе мора со сила да ги натераме да дадат одговори. Неверојатно е каква власт си доделиле самите на себе, спротивно на законот и прикриено во една огромна бирократија. Тоа што и го правеле на движењето „Чајанка“ е неверојатно, дефинитивно тоа беше цел на Владата, изјави еден од учесниците на протестите.
Лернер беше исмеана во јавноста кога во разговор со новинари призна дека не се разбира многу во математика, но подоцна беше обвинета и дека намерно го предизвикала отворањето на скандалот во ИРС, барајќи од нејзина пријателка јавно да ја праша за гонењето на опозициските групи на состанок на ИРС, кој бил отворен за јавноста.
Во меѓувреме, се проширија и обвинувањата против администрацијата за прислушување на новинарите. По веста дека телефоните на агенцијата Асошиејтед прес биле следени неколку месеци за да се открие кој функционер им давал доверливи информации на новинарите, Секретаријатот за правда призна дека бил следени и интернет пораките на новинарот Џејмс Розен од телевизијата Фокс, блиска до републиканците.
Шерил Аткинсон, новинарка на Си-Би-Ес која се соочи со отпуштање од работа поради серијата репортажи за нападот врз Американската амбасада Бенгази, трета тема која е под постојана истрага во Конгресот, вчера соопшти дека нејзините компјутери биле пробиени. Аткинсон не кажа во кого се сомнева.
Во Белата куќа вчера е одржан состанок на некои од најпознатите левичарски коментатори во САД, на кој се претпоставува дека биле подготвувани одговори на критиките упатени кон Обама. Некои од медиумите кои беа традиционално блиски до Обама и демократите, во текот на последните две недели остро го нападнаа претседателот за злоупотребите на положбата, дури споредувајќи го со претседателот Никсон, кој беше принуден да поднесе оставка поради прислушување на политичките противници во 1974 година.