Резолуцијата на Милер поддржана од 12 конгресмени - Робертсон бара Македонија да влезе во НАТО

 

Резолуцијата за поддршка на прием на Македонија во НАТО поднесена од Кендис Милер, претседателка на групата за пријателство со Македонија во Конгресот на САД, како ко-спонзори веќе има 12 конгресмени. 

- Високо ги цениме напорите на Македонија и нејзината посветеност заедно со САД и други земји да ги унапредува мирот, демократијата, стабилноста и заемното разбирање. Ги повикуваме администрацијата и Стејт департментот да продолжат да работат заедно со Македонија и да го поддржат проширувањето на НАТО со упатување покана за полноправно членство за Македонија. Ги повикуваме администрацијата и Стејт департментот, во интерес на регионалната соработка и актуелната ситуација во Украина, да работат со Грција и сојузниците од НАТО да се обезбеди дека билатерални спорови нема да го попречат приемот на Македонија во НАТО. Го повикуваме НАТО формално да упати покана до Македонија за прием на самитот во Британија во септември 2014 година, пишува во резолуцијата. Како ко-спонзори на резолуцијата на Милер досега се потпишаа конгресмените Кристофер Смит, Кери Бентиволио, Адам Кинѕинџер, Бил Паскрел, Гери Коноли, Мајкл Тарнер и други.

Во резолуцијата се истакнува дека Македонија досега ја потврдила својата посветеност за членство во НАТО, со приемот на над 400.000 бегалци од Косово во 1999 година, со учеството во мировните мисии во Ирак и во Авганистан, и со развојот на модерна армија која е подготвена да служи заедно со НАТО. Резолуцијата истакнува дека досега 120 македонски војници добиле одликувања од САД, а земјата дава петти најголем придонес кон мисијата во Авганистан, во споредба со бројот на жители. Воедно се истакнуваат економските реформи спроведени во Македонија, и поволностите кои и самата Грција ќе ги добие од македонскиот прием во НАТО.

- Конечната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во декември 2011
година, која е без можност за жалба и правосилна за сите страни, беше дека Грција, со спротиставувањето на приемот на Македонија во НАТО на
самитот во Букурешт ја прекрши својата обврска од членот 11 од Времената спогодба на Обединетите нации од 13 септември 1995 година,
пишува во резолуцијата поднесена до Конгресот. Во неа се потсетува на
изјавите на претседателот Барак Обама и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон дека со задоволство го очекуваат денот кога Македонија ќе стане членка на НАТО, односно дека самитот во Британија во септември оваа година треба да биде самит на проширување. Поради тоа, резолуцијата бара Конгресот да го поддржи приемот на Македонија во НАТО.

Во меѓувреме, поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон
изјави дека Македонија е подготвена за членство во НАТО и треба да ја
добие долго очекуваната покана, пренесе МИА.

- Јасно реков многу пати дека верувам дека Македонија е квалификувана
за членство во НАТО и трба да и се даде покана. Се надеам дека разумот ќе надвладее и спорот за името ќе се надмине. Не кажувам ништо ново, сум рекол јавно, дека Македонија треба да биде поканета во НАТО, а и други земји треба да бидат поканети како и кога ќе бидат компатибилни со НАТО политиката и воените структури, изјави лорд Робертсон. Робертсон, сепак, е воздржан на прашањето дали кризата во Украина и руското напредување кон Запад ќе предизвика посериозен пристап на НАТО кон проширувањето.

- Мислам дека на крајот проширувањето ќе биде дел од агендата на НАТО, но тоа мора да биде за земји кои придонесуваат кон безбедноста, а не само да бидат земји кои ќе имаат полза од безбедноста. Тоа секогаш
беше принципот во НАТО кој се применуваше, и ќе се применува и во иднина, изјави Робертсон, кој е во посета на Вашингтон во промоција на
кампањата против независноста на Шкотска од Британија. Тој предупреди
на опасноста од балканизирање на Европа – процесот на референдуми за
независност на Шкотска и ефектот што тоа може да го има врз Каталонија, Баскија или Фландрија. Робертсон предупреди дека посебно
во ова време, кога Русија бара можности да ја искористи слабоста на Европа, не смее да се дозволат дезинтеграциски процеси.

Во поддршка на проширувањето на НАТО, денеска американскиот потпретседател Џо Бајден треба да се сретне со црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ. Се очекува Ѓукановиќ на средбата да побара прием на
Црна Гора во НАТО на самитот во септември.

08.04.2014 - 09:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега