Штрајкови ја тресат Грција

Во Грција денеска  ќе протестираат  новинарите и техничкиот персонал од сите медиуми и вработените на пристаништата, а кулминација на бранот протести е утрешниот 24-часовен генерален штрајк свикан од двата водечки синдиката во приватниот и државниот сектор ГСЕЕ и АДЕДИ, во знак на протест против мерките за штедење.

Новинарите  бараат потпишување нови колективни работни договори, како и итен прекин на отпуштањата од работа и доцнењата со исплатата на платите. Тие, исто така, инсистираат и на зголемување на помошта за невработените.

Синдикатите, пак, протестираат против отпуштањата во државниот сектор, против вклучувањето на државните службеници во т.н. шема на мобилност, односно принуден одмор, со перспектива нивните работни места да бидат укината, како и против приватизацијата. Сите овие мерки беа договорени од Владата и меѓународните кредитори во замена за доделената финансиска помош за земјата.

Синдикалните централи инсистираат на мерки за заштита на „општествените богатства, услуги и работнички права на вработените“ и на „итна помош на социјалните фондови“.

Државните болници утре ќе опслужуваат само итни случаи, бидејќи во генералниот штрајк ќе учествуваат и лекари, медицински сестри и административни работници. Во него ќе се вклучат и вработените во локалната самоуправа, банкарските службеници, наставниците и универзитетските професори, како и вработените во даночните служби.

За време на утрешниот генерален штрајк нема да сообраќаат возовите на државната железничка компанија ОСЕ и на приградската железница, а вработените во автобускиот сообраќај ќе протестираат со прекини на работата.

08.04.2014 - 09:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега