Тодоров: Со вашиот глас за ВМРО-ДПМНЕ ќе ја дадете поддршката за отварање на нови 64.000 работни места

 

Со вашиот глас за ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори ќе ја дадете поддршката за отворање на нови 64.000 работни места во најмалку 30 новоотворени фабрики во Македонија, рече пред Кривопаланчани носителот на листата на Коалицијата За подобра Македонија за третата Изборна единица, Никола Тодоров.

Тој нагласи дека владеачката партија цели кон освојување 63 пратенички мандати кои и се потребни на Македонија за реализација на новата програма со 2.046 проекти.

- Еден од нив е и проектот кој се однесува на млади лица до 29 години што завршиле високо образование. Овој проект предвидува на овие лица им се олесни патот од завршувањето на факултетот односно на високото образование и преминот до вработувањето. Проектот е замислен на тој начин што кај овие лица е предвидено да се субвенционира нивното вработување преку придонеси во период од три месеци, потоа работодавачот да има обврска да ги задржи на работа во наредните шест месеци, појасни Тодоров.

Со овој проект, потенцира, сакаме да работиме и работиме на намалување на невработеноста кај младите лица посебно на лицата до 29 години и посебно на младите лица кои имаат завршено високо образование.

- Со новата четиригодипна програма предвидени се и инвестиции во образованието, со набавка на 300.000 таблет компјутери, во здравството со градбата на новиот кличнички центар во Скопје и клиничкиот центар во Штип, а комплетно  ќе се реконструира и здравствениот дом во Крива Паланка, чија обнова веќе е отпочната, истакна Тодоров.

Како еден од позначајните проекти го потенцира проектот за отпишување на долгови на граѓаните, а,како што рече, инфраструктурата и во наредните четири години ќе биде приоритет на владеачката коалиција.

Тодоров и караванот придружуван од кандидатот за пратеник од Крива Паланка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Слаѓана Митовска и пратеникот во Собранието Владимир Ѓорчев продолжи на средби со жителите на повеќе населени места во Кривопаланечко.

07.04.2014 - 20:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега