Милошоски: Намалувањето на невработеноста е наш главен предизвик
Имаме нови 2.046 проекти од кои голем дел се за општините од петтата изборна единица. Нашата главна цел во следниот четиригодишен мандат е да отвориме нови 64.000 работни места кои ќе ни послужат за нашиот главен предизвик - понатамошно намалување на невработеноста во Република Македонија.
Ова на денешната прес-конференција го изјави носителот на листата за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5 Антонијо Милошоски.
- Од 2006 година до денес во услови на тешка економска европска финансиска и должничка криза успеавме да го намалиме бројот на невработени од 38 на 28 насто. Тоа не значи дека завршила борбата против предизвикот со невработеноста, но значи дека во следните четири години процентот на невработеност да биде сведен на 22 насто, истакна Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ, рече Милошоски, во својата програма нуди проект посветен на социјално најранливите категории.
- Проектот се вика „Еднократен отпис на долгот“, а се работи за отпишување на долг по основ на сметки за неплатена струја, на банкарски сметки, тековни сметки или потрошувачки кредити, по основ за неплатени сметки за парно греење или по основ на неплатени сметки за радиодифузна такса. Корисници на ваквата можност за еднократен отпис на долгот ќе бидат лица што се корисници на социјална помош, лица кои што подолго од 12 месеци се запишани како невработени, и лицата кои што во текот на претходната година немале комулативен збирен приход од други извори повисок од 1.700 евра. Исто така ова право ќе го користат и лица кои имале семејна несреќа или трагедија и поради смрт на еден од сопружниците или потешка болест или губење на работната способност, а притоа останале во неможност да ги исплатат своите долгови, рече Милошоски.
ВМРО ДПМНЕ како партија и премиерот Никола Груевски како претседател на Владата, додаде Милошоски, покажа дека работи само со програма, проекти, рокови, задолжени институции за исполнување на роковите и отчет пред граѓаните на Република Македонија.
На прес-конференцијата во Битола беа претставени кандидатите за пратениците во ИЕ 5 од ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа