Жени денеска ќе се тркаат во Градскиот парк
Под покровителство на Град Скопје денеска во Градскиот парк во Скопје ќе се одржи втората Женска трка, која е една од промотивните трки на Виз Ер и Скопски маратон 2014.
Целта на трката е да се превенираат заболувања преку активно вежбање и поттик да се вклучат што поголем број жени од различни возрасти.
Трката не е натпреварувачка, но по завршувањето е предвидена лотарија со награди за учесничките.
Стартот е кај Школка во Градски парк во 11 часот, со претходно полчасовно загревање со аеробик вежби. Ќе се трчаат 1.000 метри - еден круг околу паркот.
Оваа година трката се совпаѓа со одбележувањето на Меѓународниот ден на спортот, прогласен од Обединетите нации.
Трка денеска се организира и во Велес, со мото „Да трчаме, здраво е!“ Се работи за хуманитарна акција која во пресрет на утрешниот Светски ден на здравјето по деветти пат ја организира Друштвото на родителите за грижа за здраво поколение од Велес. Таа ќе се одржи во Младинскиот парк и ќе опфати минимаратон и продажба на домашни специјалитети. Собраните средства се наменети за хуманитарни цели.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа