Владејачката коалиција ги промовираше кандидатите за пратеници
Коалицијата „За подобра Македонија" на чело со ВМРО-ДПМНЕ вeчерва на митингот на плоштадот „Македонија" во Скопје ја стартуваше кампањата за предвремените парламентарни избори. На митингот беа промовирани кандидатите за пратеници на листите во изборните единици и на политичките партнери во коалицијата.
Вечерва беа промовирани носителите на листите за пратеници: лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски во ИЕ 1, Гордана Јанкулоска во ИЕ 2, Никола Тодоров во ИЕ 3, Зоран Ставрески во ИЕ 4, Антонио Молошоски во ИЕ 5 и Никола Попоски во ИЕ 6. Во изборните единици надвор од територијата на РМ кандидати се: Ристо Манчев во ИЕ 7 (Европа и Африка), Павле Саздов во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка) и Васко Наумовски во ИЕ 9 (Австралија и Азија).
- Сте виделе се и сешто низ годините и затоа знаете кој е кој. Македонскиот народ знае, памети и не заборава. Нас не знаете кои сме и со каква посветеност работиме, каде се отидовме за да донесеме работа и да отвориме фабрики, да воведеме нови идеи, проекти и дела за Македонија. Ние знаеме како да влечеме напред и чесно ви кажуваме ќе продолжиме со уште поголема посветеност, рече Никола Поповски, потенцирајќи дека нема да се прифати промена на Уставот заради промена на уставното име.
Антонио Милошоски, пак, истакна дека чест и обврска е да се биде носител на листа и го поздрави Љубиша Георгиевски, кој во 2006 година беше на чело на ИЕ5 на, како што рече, првиот изборен поход на ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочи на два важни настана во периодот кога беше министер за надворешни работи, кои биле резултат на сложната политика на Владата и на Претседателот на РМ - визната либерализација и добиената тужба против Грција во Хаг, покрената поради блокадата на Самитот на НАТО во 2008 година. Затоа повика повторно да се гласа за политика на слога - за Груевски и Иванов.
- Задоволен сум што кандидатите за пратеници од Петтата изборна единица се чесни, достоинствени и сериозни луѓе кои ќе ја оправдаат довербата на нашите гласачи. Нашиот тим се проверени луѓе, со дела и искуство, кои имаат што да кажат, рече Милошоски, додавајќи дека најавените 64.000 работни места ќе бидат и за општините во ИЕ5.
Носителот на листата во Четвртата изборна единица, Зоран Ставрески рече дека не е исто да се верува на слепо и на гол збор од некој кој ветува без дела, наспроти тимот на Груевски кој, како што рече, и во криза покажа како се гради државата. Тој потсети на околу 120.000 нови работни места, две милијарди евра странски инвестиции и во најголемата криза, инвестициите со илјадници вработени, како Дрекселмајер во Кавадарци, Коромберг и Шуберт во Битола, Џонсон контролс во Штип, Гришко во Демир Хисар, Џонсон Мети, Технохозе...
- Ја бараме вашата доверба заради сработеното во минатото. Видовте како работиме ние, програма за секој граѓанин во РМ, датум кога ќе се реализира и отчет што е направено. Таква е и новата програма, најдобра и најквалитетна... Наследивме горлив проблем од СДСМ со невработеноста. Го имате нашиот збор. Со нашата програма ќе се отворат нови 64.000 работни места, истакна Ставрески.
Носителот на листата во ИЕ 3, Никола Тодоров стави акцент на реформите во здравството, како и во образованието и земјоделството.
- Народот знае да направи разлика меѓу затворените фабрики и новоотворените фабрики. Граѓаните знаат да препознаат кога е даден збор со цел да се исполни, а кога не, да направат разлика меѓу лажна искреност и чесно изговорена вистина, рече Тодоров.
- Има разлика меѓу ароганцијата на СДСМ, која не ги напушта ни по осум години во опозиција, и искреноста и отчетноста на ВМРО-ДПМНЕ поради кои седум пати ја добиваме вашата доверба. Ќе направи разлика меѓу криминалот од времето на СДСМ кога цели региони беа недостапни за институциите. Сега правната джава функционира на секоја педа од Македонија и никој не е над законот. Имаме полиција која е гордост на државата, рече носителот на листата во Втората изборна единица, Гордана Јанкулоска, која вети дека ќе продолжи борбата со корупцијата и криминалот за безбедна и перспективна Македонија.
Митингот на скопскиот плоштад започна со обраќање на Јохан Тарчуловски, кој ги кажа причините зошто ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ за која рече дека е негова матична партија со која созревал.
- Ја давам мојата поддршка зашто овие луѓе се грижат за националните и државните интереси, го исполнуваат дадениот збор, макотрпно работат и никого не оставаат на цедило. Јас тоа можам да го потврдам. Кога многумина бегаа од мене и ме заборавија, овие луѓе и премиерот беа до мене и се бореа за мене. Тоа покажува голема вредност, вредна за почит. Тие се силата на Македонија, затоа ги повикувам сите македонски граѓани, патриоти, бранители, да ја поддржат оваа опција, истакна Тарчуловски.
За поддршка на новата програма на ВМРО-ДПМНЕ која опфаќа 2.046 проекти, повикаа и претседателите на партиите-партнери во коалицијата „За подобра Македонија": Живко Јанкуловски, Кенан Хасипи, Амди Бајрам, Иван Стоиљковиќ, Лилјана Поповска, Павле Трајанов и Љубисав Иванов-Ѕинго.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа