Триесет невработени кумановчани ќе се обучуваат за електроинсталатери, монтери и заварувачи

Околу 30  невработени кумановци ќе следат четиримесечна обука за електроинсталатер и монтер за станбени објекти и за индустриски капацитети и аргон заварувачи.

Проектот за преквалификација се спроведува преку Агенцијата за вработување и ќе им овозможи на овие лица полесно да пронајдат работа. Според надлежните институции овие три занимања се меѓу најбараните на пазарот на трудот во Македонија. Преквалификацијата ќе се спроведува три месеци во техничкото училиште „Наце Буѓони“ и уште еден месец во фирми, чија дејност е согласно занимањето.

- Аргон заварувачите се меѓу најбараните на пазарот на трудот, не само во Македонија туку и во Европа. Сертификатот е одобрен од Министерството за образование и наука и може да се користи во Македонија и во Европа, изјави директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.

Тој информира дека дел од лицата кои се преквалификуваат веднаш наоѓаат работа, а на одреден дел им е потребна и дополнителна помош од Агенцијата за претставување пред работодавачот. Дел од невработените лица кои се вклучени во обуката се со високо образование.

Поповски објасни дека во Европа е пракса освен невработените на преквалификација да се јават и вработените кои бараат подобро платена нова работна позиција.

- Кај нас се уште се третира како табу тема, но има дел од високообразовните кадри кои се осмелуваат да се преквалификуваат и обично се први кои наоѓаат работно место, рече Поповски.

Директорката на училиштето „Наце Буѓони“ Лидија Михајловска потенцира дека училиштето располага со стручен кадар и со простор каде може да се изведува практичната настава за овие лица.

Претходните години во Куманово во трите училишта се спроведуваа неколку обуки за преквалификација за одредени дефицитарни занимања, како електроинсталатер, монтер, заварувач, козметичар и составувач на горни делови на чевли. 

04.04.2014 - 18:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега