Убиена најпознатата фоторепортерка во светот

Фоторепортерка на американската агенција Асошиејтед прес (АП) е убиена денеска, а новинарка на агенцијата е повредена на истокот на Авганистан, кога врз нив пукал полицаец додека седеле во возило. Се работи за 48-годишната Ања Нидрингхаус, меѓународно признаен фоторепортер од Германија, која за жал починала на местото на настанот.

Нидрингхаус, која ги следела сите големи светски судири, доби Пулицерова награда во 2005 година за фотографии од судирите во Ирак.

Новинарката Кети Генон (60), е ранета на две места. Таа е хоспитализирана и е во стабилна состојба. Генон е канадска новинарка, а за АП известува од Исламабад. Од Авганистан и Пакистан известувала за војната и нередите три децении.

Во својата богата кариера Ања Нидрингхаус ги покриваше сите поголеми светски конфликти, вклучуавјќи ги Израел, Палестина, Ирак, Авганистан и Пакистан, како и судирите во поранешна Југославија. Во текот на своето работење била ранета повеќепати.

Првиот ден на престојот во Сараево, Нидрингхаус ја погодил снајперски куршум. Покривајќи ги протестите во Белград во 1997 година, полициско возило и поминало преку нозете и и ги скршило на три места.

Во Косово во 1998 година, Нидрингхаус се наоѓала во автомобил што го погодил граната, додека во Албанија следната година била меѓу група новинари кои НАТО по грешка ги бомбардирал.

По денешниот напад, тројца познати новинари во последните два месеци го загубија животот во Авганистан. Шведскиот новинар Нилс Хорнер е убиен во Кабул на 11 март. Девет дена подоцна, истакнатиот авганистански новинар кој работел за АФП, убиен е заедно со уште осум лица кога талибанците нападнале луксузен хотел во Кабул.

04.04.2014 - 13:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа