Полска се запозна со можностите за инвестирање во Македонија
Претставници на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија престојуваат во студиска посета на полската Агенција за информирање и инвестиции.
Директорот на ТИРЗ Виктор Мизо и претставници на Агенцијата за странски инвестиции пред претставниците на полската Агенција за информирање и инвестиции ги презентираа надлежностите и тековните активности на двете институции и преземените мерки со цел обезбедување најефикасни услови за работа на странските инвеститори во Република Македонија.
Како што соопшти ТИРЗ, посетата ја организира Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот, а целта е размена на искуства во областа на услугите кои двете земји ги нудат на странските инвеститори. Реализирани ќе бидат состаноци со највисоките претставници на Агенцијата за информирање и инвестиции и Министерството за економија на Полска. Предвидена е и средба со извршниот директор на Американската стопанска комора во Полска.