Се онесвестиле 200 текстилци во Камбоџа

Повеќе од 200 работници во текстилните фабрики во  Камбоџа се хоспитализирани заради масовно колабирање, соопштија денеска властите.

Се верува дека здравствените проблеми на работниците се предизвикани од лошите услови за работа, нездравата храна и инсектицидите, изјави Ким Сунсода, заменик-гувернер на округот Пур Сенчеј, во кој минатата недела се случија неколку инциденти.

Во трите фабрики, што се  управувани од компаниите „Шен џу“, „Дачијан текстајл“ и „Њу вајд“, се произведува облека за брендовите „Пума“ и „Адидас“.

Околу 650.000 лица се вработени во текстилната индустрија во Камбоџа, која остварува приход од милијарди долари и е главен извор на средства за  оваа сиромашна држава во југоисточна Азија.

Повремено се случува работниците масовно да паѓаат во несвест, главно заради нивната лоша здравствена состојба, слабата вентилација или изложеноста на опасни хемикалии.

- Здравјето на камбоџанските работници главно е лошо, бидејќи заради малите плати не можат здраво да живеат, рече Сеанг Самбат, првиот човек на здружението на синдикатите. 

03.04.2014 - 17:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа