МТСП продолжува со грижата за децата со аутизам
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и аспергеров синдром „Во мојот свет“ – Скопје денеска на симболичен начин го одбележаа Меѓународниот ден на аутизмот - 2 април, редејќи голема сложувалка-симбол на оваа состојба пред Дневниот центар за деца со аутизам.
- Дневниот центар за аутизам работи како организациски дел на Центарот за социјална работа на Град Скопје. Центарот обезбедува дневно згрижување. Овој капацитет овозможува една квалитетна грижа за децата со аутизам и индивидуален третман и пристап на секое дете поединечно. Во Дневниот центар за аутизам работат професионалци - логопед, психолог, дефектолог и негувателка. Во моментов Дневниот центар го посетуваат пет деца кои добиваат комплетен третман плус тие дечиња имаме и други кои посетуваат индивидуални третмани. Центарот нуди стручно-консултативна помош за родителите, односно сите развојни потреби и однесувања на нивните деца, изјави директорката на Центарот за социјална работа на Град Скопје Билјана Јарчевска.
Дневниот центар за деца со аутизам, кој е прв од ваков вид во Македонија, е сместен во објектот на Заводот за рехабилитација на деца и млади. За неговата реконструкција, адаптација и опремување во буџетот на МТСП биле обезбедени средства во вкупен износ од 3.167.224 денари, вклучително и средствата за новите вработувања на дополнителниот број стручни лица за неговите потреби.
Професорот Љупчо Ајдински, дефектолог, вели дека работите за борба со аутизмот и унапредување на правата на овие лица во изминатите години се придвижуваат. Формирани се, рече, здруженија на родители кои имаат вакви деца, но и Македонско-научно здружение за аутизам. Според него, функционирањето на овој Центар е од исклучителна важност за ваквите деца и оти такви центри треба да се отвораат и во другите градови. Тој вели дека во Македонија се уште нема точен број на деца со ваква состојба, но оти тој број е голем и оти се зголемува, но и дека не се знаат причините поради зголемувањето.
Досега МТСП има отворено 24 дневни центри за деца со пречки во менталниот развој, а се планира во иднина таков да се отвори и во Струмица, Валандово и Охрид. Во тек се активности за подготовки на Центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години и нивните семејства во местото на живеење како заедничка иницијатива на МТСП со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“ и Градот Скопје.
Се планира и отворање дневен центар на деца со оштетен вид на помала возраст кои не се опфатени со ниту една форма на едукација или рехабилитација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа