Иванов пред гевгеличани: Секогаш ќе бидам со народот

Претседателот Ѓорѓе Иванов кој ја трча трката за втор претседателски мандат, одржа митинг пред гевгеличани.

-Во Гевгелија сум како дома и ви благодарам што пред пет години одовде ми дадовте голема поддршка. Ја добив тогаш, не затоа што мајка ми е од тука и дека тука сум растел, туку затоа што сум искрен, вреден и чесен. Таков сум и сега, кога со нова програма повторно од вас ја барам довербата. Пред 10 години кога доаѓав во Гевгелија гледав тажна глетка, затворени фабрики, луѓе оставени сами на себе, исушени лозја. Сега гледам нови лозови насади, патишта, оранжерии, индустриски зони, ветерен парк. Сосема нов лик на Повардарието, нов лик на Македонија. За тоа е потребна посветеност и љубов за државата што ја имаат младите луѓе предводени од премиерот Никола Груевски. Затоа ги поддржав пред пет години, а ги поддржувам и сега, истакна Иванов.

Според него, кога расте економијата, расте се. - Нема сегмент во кој не се чувствува економската ревитализација. Тимски работиме и затоа постигнуваме се, нагласи Иванов.

Тој вети дека како претседател на Македонија секогаш ќе биде со народот. Потсети дека повеќе од пет илјади граѓани биле во неговиот кабинет и оти секој од нив бил добредојден.

- Затоа расте и нивната доверба во институцијата претседател. Направивме се на што укажувавте вие,  граѓаните. Работевме тимски затоа што државата ни е пред се. Ќе продолжиме со исто темпо затоа што знаеме каде одиме и што сакаме. Затоа што Македонија ни е пред се, им порача Иванов на гевгеличани.

Доверба на претседателскиот кандидат од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Гевгелија му даде и премиерот Никола Груевски. 

- Иванов е човек кој покажа како треба да се биде активен, чесен, вреден и одговорен кон државата. Иванов е човек што не се штедеше и тоа треба да се цени. На Македонија и треба претседател и за тука и за Брисел, а не само за тука, како што деновиве зборува еден противкандидат на Иванов. Кој ќе ви каже дека ќе ги реши сите проблеми ве лаже, бидете сигурни. Но затоа пак ние сме тим кој досега направил најмногу за вас и за државата, рече Груевски.

Иванов, потенцира тој, заслужува поддршка затоа што покажа зрелост на човек и политичар.

- Беше во многу тешки искушенија доведен во ситуација нервозно да изреагира. Противниците се обидуваа да го отргнат од неговиот пат, но тие не успеаја во тоа. Иванов остана стабилен и не дозволи од страна да му кажат што да прави. Денес го познаваат сите како државник со чисто досие. Чекореше мудро и стабилно и по пет години можам да кажам дека заслужува втор претседателски мандат, рече во своето обраќање пред гевгеличани претседателот на ВРМО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека го поддржува Иванов за втор претседателски мандат.

- Ни треба претседател усогласен со политиките на Владата и подготвен да се среќава со странски инвеститори. Човек на кого ќе се потпреме и човек што директно ќе помага. Претседателот е човек кој мора да даде дел од себе, да не претстави, да ја сплоти нацијата и да даде насока каде се движи државата. Затоа секој не може да биде претседател. Низ историјата малку биле такви. Никола Карев, Методија Андонов-Ченто, Борис Трајковски и човекот пред вас, Ѓорге Иванов, рече вицепремиерот Пешевски.

31.03.2014 - 11:35
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега