Новаци се приклучува во системот за наводнување „Стрежево“

 

Денеска во Битола, Проектот на УСАИД за  експанзија на мали бизниси и Општина Новаци потпишаа Меморандум за разбирање. Со меморандумот ќе се формализира соработката меѓу потписниците со цел спроведување на проектот на општината за приклучување на земјоделците од Новаци на системот за наводнување “Стрежево”. Меморандумот го потпишаа Карл Ларкинс, Директор на Проектот за експанзија на мали бизниси и Лазар Котевски, Градоначалник на Општина Новаци.

 -Соработката меѓу потписниците вклучува поддршката од Проектот на УСАИД за  експанзија на мали бизниси за подготовка на сеопфатна физибилити студија (студија за изводливост) за проширување на системот за наводнување Стрежево на територија на земјоделското земјиште во Новаци. Студијата ќе вклучи бројни важни анализи, како: можности за развој на системот во фази; можности за финансирање; очекувани социо-економски придобивки од новиот систем; очекувања на локалното население; идентификувани основни фактори на ризик на проектот; изготвување на успешен бизнис модел и финансиски план, и поставување на план за имплементација, стои во соопштението на УСАИД.

 

 Земјоделското земјиште во рамките на Општина Новаци не е поврзано со системот за наводнување „Стрежево“, кој се наоѓа во близината и покрива околу 20.000 хектари обработливо земјиште во Пелагонија. Како последица на тоа, земјоделците во Новаци се принудени или да изградат сопствени мали системи за сопствените потреби и со тоа да сносат значајни трошоци (опрема и гориво/електрична енергија), или да го обработуваат земјиштето без систем за наводнување, што пак резултира со особено ниски приноси. И двата исхода имаат директно негативно влијание врз профитабилноста на земјоделците. Со приклучување на системот “Стрежево, земјоделците во Новаци ќе обезбедат сигурен извор на вода и ќе ги намалат трошоците за наводнување, а на тој начин ќе остварат поголем профит кои ќе можат да го инвестираат во проширување на нивните бизниси.

 

најчитано сега