Скопје вечерва ќе потоне во мрак

И Македонија денеска се вклучува во најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја“ кој ќе се одбележи со исклучување на осветлувањето во период од еден час. 

Градот Скопје информира дека од 20:30 часот до 21:30 часот ќе се вклучи во одбележувањето со исклучување на уличното осветлување на плоштадот „Македонија“, илуминацијата на Скопската тврдина Кале, Камен мост, Ристиќева палата и објектот „Пелистер“.

Во текот на „Часот на планетата Земја“ на плоштадот „Македонија“ со запалени свеќи ќе се формира бројот 60+ што означува шеесетминутно штедење на енергетските ресурси и заштита од климатските промени. Во исто време, 150 волонтери и претставници од Црвениот крст, Град Скопје, од невладини организации и ученици ќе се движат со запалени свеќи.

Планетарното движење „Час на планетата Земја“ е поддржано од организацијата World Fillife Fund, се спроведува во 154 држави во светот и е поддржано од светските метрополи. Фотографиите од случувањето во Скопје ќе бидат испратени до WWF организацијата со што Градот Скопје ќе се вклучи во мрежата на светските градови кои ја поддржуваат оваа манифестација (Париз, Лондон, Виена, Сиднеј и многу други).

Целта е да се испрати порака за намалување на користењето на енергетските ресурси и за намалување на климатските промени. Во акцијата учество ќе земат над 154 држави ширум светот.

29.03.2014 - 10:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега