ДИК ќе располага со околу седум милиони евра за претстојните избори

 

Државната изборна комисија за претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори ќе располага со околу седум милиони евра, средства што за оваа намена биле одобрени од Владата.

Потпретседателот на Комисијата Субхи Јакупи на денешната седница соопшти дека ДИК пред два дена добила допис од Министерството за финансии во кој се наведува дека се одобрени овие средства и оти доколку има потреба Владата ќе обезбеди дополнителни средства. Побарувањето на ДИК до Владата за одржување на двата изборни процеси изнесуваше околу осум милиони евра.

До името на кандидатот за претседател, како што објасни претседателот на ДИК Никола Рилкоски, ќе стои група избирачи или бројот на пратеници, со чии потписи е предложен. Ливчињата ќе бидат печатени на македонски јазник и на кирилско писмо, а во општините каде што живеат над 20 проценти припадници на етничките заедници и на јазикот на кој тие зборуваат. Само во две места ќе имаат тројазични избирачки ливчиња за претседател и тоа на македонски, албански и српски, и на македонски, албански и ромски јазик.

Од Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори досега се избришани 139 лица, а запишани се двајца, информираше потпретседателот Јакупи. До денеска, според информациите од ДИК, електронски, преку веб-страницата на ДИК, увид во Избирачкиот список направиле преку 27.000 граѓани.

Одобрени се 2.180 решенија за гласање за државјани од дијаспората, а 11 одбиени. Јакупи посочи дека 38 лица кои се пријавиле за гласање воопшто ги немало во Избирачкиот список. Според нивното место на живеење, повеќето се од Белград. До вчера до ДИК беа доставени над 6.000 барања за гласање на предвремените избори.  

Во недела истекува рокот на јавниот увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори и за пријавување за гласање на државјаните кои живеат и работат во странство.

28.03.2014 - 16:04
Фото: 
Новатв.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега