Чусудовски: Македонија да размисли дали Европската Унија е решение

 

Економски исплатливо ќе биде Македонија во иднина да ги обнови старите врски кон државите кои гравитираат околу Црноморскиот блок, Бугарија,  Романија и секако Русија. Интеграцијата на Евроазискиот регион во смисла на трговските односи ќе го поттикне економскиот раст во сите нив, вели аналитичарот од Канада, Мајк Чусудовски за Програмата „Гласот на народот“.

Според Чусудовски, актуелната криза во Украина на површина извади неколку клучни дилеми за постоењето и суштината на Европската унија.

Што се однесува на Македонија, додава аналитачорот, нема дилема, земјата има потенцијал оти е географски еден вид крстосница на повеќе цевководи и гасоводи и може да има во иднина влијание во регионот.

- Македонија мораше да направи многу реформи, промени и прилагодување кон состојбите, посебно откако излезе од заедничката федерација и сега треба да размисли да го стави под прашање односот со ЕУ, односно дали ЕУ е решение. Досега увидовме дека многу земји членки на ЕУ заглавија во финансиска криза и мораа да воведуваат драстични мерки за штедење. Затоа, мора да се размисли како Македонија ќе продолжи понатаму, вели Чусудовски.

Во моментов, додава аналитичарот, се случуваат клучни меѓународни промени, а очекува САД во иднина да го коригираат своето однесување и влијание во светот.

- Состојбите на шаховската табла се менуваат и САД мора да сфатат дека ќе дојде крај на нивната досегашна политика, еден вид мешање во различни држави како што беше Сирија поради различни интереси, вели Чусудовски во интервјуто.

Според него, евентуални санкции кон Русија може да бидат контрапродуктивни.

- Русија и Кина меѓусебно тргуваат и Русија е таа којашто нуди минерални ресурси, а Кина е земја којашто извезува на Западот дури до 80 проценти на облека, електронски уреди итн. Доколку Кина реши да го повлече извозот во САД, тоа би било катастрофално за Волмарт и другите големи ланци коишто директно зависат од увозот на производи од Кина. Дали влијанието на САД ќе ослаби  и како ќе влијае на Русија и нема некое многу големо значење бидејќи Русија и Кина меѓусебно соработуваат и имаат ресурси, способности и алтернативи, така што Западот и не им е многу потребен, вели  Чусудовски.

Според аналитичарот, во моментов има една сериозна ситуација и нарушување на безбедноста во Источна Европа поради експанзијата на НАТО кон истокот, а се случува и милитаризација на црноморскиот регион што е еден вид враќање на Студената војна од минатото. Тоа што Русија не е веќе во Г-8 за него не е некаков голем проблем.

- Тоа е неформално друштво коешто нема никаков авторитет на носење одлуки и ги решава меѓусебните прашања на членовите. На почетокот постоеше само Г-7, меѓутоа, Борис Јелцин се побуни зошто не беше поканет, па потоа стана Г-8. За жал, Г-7 или Г-8 беше добра можност зад затворени врати да се решат прашањата коишто во моментов ја тиштат светската политика, посебно состојбата со Путин – да се разговара со него и да се решат актуелните прашања, меѓутоа Западот не сакаше никаков разговор, истакнува канадскиот аналитичар.

За Борис Јелцин, Чусудоски вели дека бил инструмент на САД и тоа се видело и преку јасниот колапс на Советскиот Сојуз.

28.03.2014 - 10:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега