Иванов: Мојот следен приоритет ќе биде економскиот раст и развој на Македонија
Ќе давам поддршка на институциите, општините и стопанството за создавање нови работни места. Имате релативно голема општина по површина. Го имате Овчеполието, втората житница во Македонија, која е пред сè земјоделска земја, исткна кандидатот за претседател на Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија", Ѓорге Иванов пред масата народ на митингот во Свети Николе.
-Државата вистински го вреднува трудот на земјоделците. Од 2006 година до сега се исплатени 550 милиони евра субвенции на земјоделците. Годинава веќе се исплатени околу 70 милиони евра субвенции на лозарите, сточарите, овоштарите и други, а до крајот на годината ќе се исплатат уште 140 милиони евра. Со инвестирање во земјоделството, Македонија може да се прехрани и себе, и другите. Овче Поле ќе биде едно од најразвиените.
Иванов додаде дека и во следниот мандат, приоритет ќе биде економскиот раст и развојот на Македонија, како и привлекувањето на нови странски инвестиции.
-Нашите напори веќе ги даваат и првите плодови. Холандската компанија „ИД Балкан“ веќе почна да ја гради фабриката за производство на печурки во индустриската зона „Овче Поле“. Тоа ќе бидат 450 нови работни места. Уверен сум дека ќе има уште повеќе инвестиции за уште повеќе нови работни места, за луѓето да работат, да основаат семејства и да ја планираат иднината на своите деца. Семејството е столб на македонското општество. Семејствата мора да се негуваат, да се поттикнуваат и да се зајакнуваат. Во 2013 година е отворено советувалиште за брак и семејство.
Тој подвлече дека денес се инвестира и во високото образование. Преку дисперзираните студии, високото образование станува достапно за секој од Свети Николе и од Македонија што има желба да учи, да се развива и да напредува во животот.
-Државата продолжува да инвестира и во спортот. Изградено е фудбалското игралиште „Билазора“, спортската сала „Цар Самоил“. Се гради и тениски терен. Македонија е земја на солидарноста. Во 2007 година е отворена народна кујна, која ја користат околу 100 лица. Мора да бидеме солидарни со луѓето кои имаат потреби. Веќе почнаа да се проектираат и 54 стана за лица во социјален ризик. Македонија е земја со богата традиција. Историјата е дел од идентитетот и е душата на Македонија. Затоа, се работи на заштита и промоција на културното наследство. Секоја педа од македонската земја е богата со археолошки наоди. Свети Николе допрва ќе стане познато преку локалитетите Градиште- Кнежје и Селеново.
Само заедно можеме да ги исполниме целите. Само заедно можеме да направиме уште многу за Македонија да биде земја на благосостојба, додаде Иванов, барајќи ја довербата на граѓаните за уште еден мандат на претседател на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа