Парите на партиите им се кратат за половина

Во грчкиот Парламент е поднесен нов закон кој вклучува 50 процентно намалување на државните субвенции за партиите во Грција, како и воведување на кодекс за однесување за министрите и пратениците, јави дописникот на МИА од Атина.

Одредбите на законот, кои ги договорија премиерот Андонис Самарас и лидерот на ПАСОК, Евангелос Венизелос , се дел од реформите за зголемување на транспарентноста во јавниот живот.

Државното финансирање на партиите пред кризата достигнуваше до 55 милиони евра. Според официјалните податоци, редовните субвенции на партиите за 2010 година по глава на жител во Грција изнесувале  4,52 евра. Вкупниот износ што партиските формации го добиле од околу 10,8 милиони (10.787.690) жители во Грција, изнесува 48,8 милиони евра.

Во Европа партиите најскапо ги финансираат жителите на Луксембург - во износ од 19,3 евра по човек, а на второ и трето место се Норвешка и Финска, со државно финансирање по глава на жител од 7,81, односно 5,73 евра.

Во Германија секој жител „плаќа“ 1,61 евро за партиите, во Франција 1,17 евра, додека во соседна Албанија товарот на финансирање по глава на жител изнесува 0,42 евра

24.03.2014 - 10:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега