Јакимовски, Милетиќ, Угриновски и Гештаковски заедно во коалицијата „ГРОМ’
Стевчо Јакимовски, Драгиша Милетиќ, Слободан Угриновски и Кире Гештаковски денеска, официјално ја објавија својата предизборна коалиција за претстојните претседателски и предвремени парламентарни избори.
- Денеска ја обзнануваме коалицијата ГРОМ, составена од Граѓанската опција за Македонија, Српската напредна странка во Македонија, Сојузот на Титови леви сили и Партијата на слободни демократи. Ова е практично третата опција во Македонија, а станува збор за партии што веќе имаат заедничко искуство од минатите изборни циклуси. Разговараме и со други политички партии и невладини организации кои очекуваме да ни се приклучат на коалицијата, рече на денешната прес-конференција лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски.
Претседателот на Сојузот на Титови леви сили, Угриновски, нагласи дека партијата пронашла идеолошки совпаѓања во коалицијата ГРОМ и изрази очекување дека оваа коалиција ќе постигне значителен успех на изборите што следуваат.
Според изјавата на лидерот на Српска напредна странка во Македонија, Милетиќ, оваа коалиција не е изненадување.
- Ние остануваме доследни и понатаму продолжуваме во коалицијата ГРОМ зашто во поглед на националноста и верската припадност, оваа опција им носи добро на сите граѓани, изјави Милетиќ.
Кире Гештаковски, претседателот на Партијата на слободни демократи, истакна дека имаат одлични позитивни искуства од коалицирањето на минатогодишните локални избори, но и идеолошките определби им биле речиси идентични.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа