Македонскиот синдром ги остави Македонците во Србија без пратеник во новиот парламент

 

Синдромот на македонската неслога ги остави Македонците без свој пратеник во новиот состав на српскиот Парламент. Откако апсолутниот победник на изборите, Српската напредна партија на вицепремиерот Александар Вучиќ одлучи на кандидатските листи да нема припадници на малцинствата, Демократската партија на Македонците во Србија сепак имала понуда за добитничко место од Социјалистичката партија на премиерот Ивица Дачиќ, пишува Сител.

"Ние имавме една покана, не од Српската напредна партија, туку од другата по јачина странка и таа влезе во Парламентот. Ни се даваше сигурно место до 30-то, а тие се 34. Значи тоа е партијата на премиерот Дачиќ. Конкретно јас имав разговор со Шкундриќ, но нашата внатрешна неслога во Главниот одбор направи ние да не влеземе. Значи, задоцнивме со одлуката на Главниот одбор, доцна беше", изјави за Сител Миле Спировски, претседателот на ДПМС и експратеник во српското Собрание.

Наредниот период Македонците во Србија ќе го искористат за консолидирање на партијата и подготовки за покраинските избори.
"За нас, за партијата е изборна година, редовни избори за Главниот одбор и тоа треба да биде до 24 април. Значи, мораме да ја прочистиме партијата од такви луѓе. Мораме да се прошириме низ Србија, а веќе имаме околу 18 нови одбори низ Србија, во Чачак, Ниш, Лесковац, Врање, Суботица и натаму и да најдеме добри кадровски решенија", вели Спировски.
Инаку Главниот одбор на партијата е тој што ги донесува клучните одлуки, како коалицирање на изборите и оттаму, според Спировски, новиот состав на овој орган ќе биде исклучително важен за политичкото дејствување на Македонците во Србија и во остварувањето на нивните права. Сега во ниедна соседна земја Македонија нема свој официјален пратеник!

18.03.2014 - 23:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега