ЕУ: На 20 политичари од Русија и Крим ќе им биде забранет влез на својата територија

 

На 20 лица од Русија и Крим, одговорни за референдумот за приклучување на украинската автономна  република кон Руската Федерација, ЕУ ќе им забрани влез на својата територија.

Ова денеска го потврди чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.

Заоралек изјави дека покрај забраната за патување, на посочените 20 политичари ќе им бидат замрзнати и имотот и средствата со кои располагаат во некоја од земјите-членки на Унијата.

- Говориме за 20 лица. Пописот за санкции е фокусиран на политичарите кои стојат зад настаните на Крим, а не на луѓе од бизнисот, посочи шефот на чешката дипломатија.

Под водство на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ се уште ја утврдуваат листата на лицата што ќе добијат визна забрана и замрзнување на имотот во Европа.

Но, за целосно стапување на сила на санкциите, сепак, ќе одлучат шефовите на држави или влади на земјите-членки на Унијата, кои во рамки на Самитот на Европскиот совет в четврток и петок ќе се сретнат во Брисел.

17.03.2014 - 14:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега