ДИК ќе им додели „среќни“ бројчиња на претседателските кандидати

Во Државната изборна комисија денеска треба да се одржи ждребување по што ќе се знае редоследот на претседателски кандидатите на избирачкото ливче за изборите закажани за 13. април.

ДИК утврдената единствена листа на кандидат за избор на претседател на Република Македонија најдоцна до утре ќе ја објави во Службен весник.

Кандидати за претседател на државата се Ѓорге Иванов, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, предложен со потписи од 55 пратеници и 64.961 потпис од граѓаните, Стево Пендаровски од СДСМ кој е поддржан од 38 пратеници, Илијаз Халими, од ДПА, за кого потпис со поддршка дале 12.303 граѓани и Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ, поддржан со потписи од 10.585 граѓани.

Денеска исто така завршува рокот политичките партии до ДИК да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список за претседателските избори. По ова барање ДИК треба да донесе решение во рок од три дена, а доколку партијата не е задоволна од него може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа по приемот на решението. По тужбата Управниот суд е должен да одлучи во рок 24 часа. ДИК го заклучува Избирачкиот список за претседателските избори најдоцна до 22 март.

Изборната кампања за претседателските избори започнува на 24. март.

За вториот круг од изборите на 27. април, доколку не биде избран претседател на државата, се закажани и предвремени парламентарни избори.

Од утре, 18 март, започнува да тече дваесетдневниот период пред отпочнување на изборната кампања па до завршување на предвремените парламентарни избори кога не може да се исплаќаат субвенции кои не се редовни месечни исплати, да се одржуваат јавни настани по повод започнување изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. 

Како што се наведува во Роковникот за изборни дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори, под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање. Од ДИК напоменуваат дека овој рок важи и ќе се применува до изборот на претседател на државата, пратеници и изборот на Владата, согласно резултатите од изборите.  

Од вчера започна да тече дваесетдневниот увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори во подрачните одделенија и месни канцеларии на ДИК. Истовремено тече рокот и за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за гласање или за запишување, дополнување или бришење на податоците од ИС. И овој рок истекува на 30 март.  

Собирањето на потписи за предлагање на листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија, од група избирачи, исто така започна вчера и ќе трае до 25 март. Потписи од група избирачи може да се собираат и пред овластено лице во Дипломатско конзуларните претставништва на земјава.

Листите на кандидати за пратеници овластените претставници на предлагачите до ДИК треба да ги достават најдоцна до 29 март.   

Кампањата за предвремените парламентарни избори започнува на 5 април. Молк ќе има на 12 и на 13 март, пред првиот круг од претседателските избори.

17.03.2014 - 07:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега