Граѓаните на Крим одлучуваат за својата иднина

Во осум часот по локално време (седум по средноевропско) на Крим беа отворени избирачките места на кои граѓаните ќе одлучат за присоединување на таа автономна република кон Русија или ќе останат во состав на Украина со обновен Устав од 1992 година.

Кримското собрание на 6 март донесе одлука за пристапување кон Русија со право на субјект на федерацијата, а на референдумот граѓаните одговараат на две прашања: - Дали сте за обединување на Крим и Русија со право на субјект во Руската Федерација? и – Дали сте за обнова на уставот на Република Крим од 1992 година и статус на Крим како дел од Украина?

За плебисцитот се отпечатени 1.512.725 избирачки ливчиња на руски, украински и кримско-татарски јазик.

Русија нагласи дека ќе ги прифати резултатите од референдумот.

На референдумот може да гласаат полнолетни граѓани на Украина регистрирани во Крим, како и во градот со посебен статус – Севастопол во кој се наоѓа Црноморската флота.

За време на гласањето во Севастопол милицијата и службата за вонредни ситуации го зголемија нивото на безбедност, а на улиците се ангажирани и одреди на самоодбрана. Првите резултати ќе бидат објавени до крајот на денот, а конечните утре.

За следење на референдумот пријавени се повеќе од 800 новинари како и повеќе од 180 набљудувачи од 23 држави.

Доколку избирачите одлучат за обединување со Русија, Крим ќе се обрати до Русија со предлог за прием врз основа на соодветен меѓудржавен договор во состав на Руската Федерација, додека Севастопол има намера да биде одвоен субјект како Санкт Петербург или Москва. 

МИА

16.03.2014 - 11:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега