Иванов ги прими акредитивите од новиот амбасадор на Австралија и Португалија

 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Австралија и на Португалската Република во Република Македонија.

- Ја користам оваа прилика да искажам увереност дека и Вие со вашето дипломатско искуство и со Вашиот ангажман ќе дадете придонес за унапредување на односите и збогатување на соработката меѓу нашите две земји, порачал во поздравниот говор претседателот Иванов.

Амбасадорката Фини искажала уверување дека за време на нејзиниот мандат ќе направи се што е во нејзина моќ за зајакнување на односите меѓу двете земји во сите области.

Новоименуваниот португалски амбасадор Аугусто Хозе Пестана Сараива Пежото изразил подготвеност за натамошно продлабочување на билатералните односи и збогатување на соработката во сите области од заеднички интерес.

- Наш примарен интерес е стабилноста и просперитетот на Балканот и неговото целосно интегрирање во Унијата. Се надевам дека можеме да сметаме на португалската поддршка во реализацијата на нашите стратешки цели, членството во НАТО и интеграција во Европската унија, порачал македонскиот претседател.

- Сметаме дека напорите кои ги вложува вашата земја во однос на реформите се исклучително позитивни и клучни во зајакнување на партнерството со Алијансата. Неодамна, земјите-членки на НАТО ги потврдија нивните заложби за политиката на отворени врати и изразија надеж дека евроатланската интеграција на Република Македонија ќе стане реалност, порача амбасадорот.

 

14.03.2014 - 14:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега