„Русија отсекогаш го штитела македонскиот народ“ - Грците бесни на рускиот патријарх
Неколку седмици по посетата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов на Москва, каде што се сретна и со патријархот московски и на цела Русија, грчките медиуми се уште ги коментираат изјавите на г.г. Кирил, јави дописникот на МИА од Атина.
- Пријатели, пријатели, но Русите кога ќе најдат можност, особено во прашањето за Скопје, не пропуштаат прилика да зададат удар, коментира „Парон“ потсетувајќи на изјавата на московскиот патријарх дека „македонската територија е духовниот Ерусалим на Словените“ и оти „Руската Империја отсекогаш го штитела македонскиот народ“.
„Но она што навистина предизвика негативен впечаток е што рускиот патријарх изјави дека позицијата на Русија од почетокот од дваесеттиот век беше да се избегне разделувањето на Македонија“, додава весникот.
„Парон“ во овој контекст ја повикува грчката Влада дека „должи на Патријаршијата во Москва да и објасни оти оваа изјава на патријархот, иако тој е сакан и почитуван во Атина, не помага за соживот на православните на Балканот, ниту за добрите односи меѓу Грција и Русија“.
Познавачите на состојбите коментираат дека во екот на кризата во Украина, кога Атина како претседавач со ЕУ секојдневно балансира меѓу тоа што се случува и обидот да ги заштити руските интереси во Грција, тешко дека грчките власти ќе прокоментираат ваква изјава, за која вообичаено би имало некаква реакција
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа