Јапонски грантови за македонски училишта и болници

Во јапонската Канцеларија за врски во Скопје денеска ќе бидат потпишани грантови за реализација на проекти од четири корисници од Македонија, вредни 245.000 евра, неповратни средства, со цел да се  промовира социјалниот и економскиот развој во Македонија, како и да ги продолжи добрите односи меѓу двете земји.

Првиот проект е за реновирање на основно училиште „Браќа Миладиновци“ во општина Струга, вреден 56.116 евра. Во рамки на проектот ќе се обезбеди финансиска помош за реновирање на вратите, прозорците и тоалетите во основното училиште, вклучувајќи ја и спортската сала, за учениците да можат да ја следат наставата во соодветни услови, додека вториот проект кој добива јапонски грант е проект за опремување на ЈЗУ Клиничка болница „Др.Трифун Пановски“ во општина Битола, вреден 58.583 евра. Реализацијата на проектот ќе обезбеди обновување на болничката опрема со еден биохемиски анализатор, еден пет-диференцијален хематолошки анализатор, еден имерзиски микроскоп, еден халогенски имерзиски микроскоп, еден спектрофотометар, еден апарат за електрофореза, две центрифуги, една мешалка за крвни слики, една аналитичка вага, еден пХ метар, еден инкубатор, еден апарат ацидобазен статус, еден електролитен анализатор, еден анализатор на урина, еден стерилизатор, 10 автоматски пипетори, три принтера, два компјутера со два монитора, 15 канцелариски столици и една врата.

Грант од јапонската Влада ќе добие и Проект за изградба на дополнителни училници во основното училиште „Фаик Коница“ во општина Липково, вреден 57.305 евра, а четвртиот проект е за опремување на Универзитетската Клиника за Неврологија во Скопје со медицински апарати. Грантот за овој проект е во висина од 73.269 евра. Со средствата треба да се набават три медицински апарати, кои се незаменливи во грижата на пациенти кои преживеале или се под висок ризик од мозочен удар - еден ехо колор доплер, еден транскраниален доплер и едно видео ЕЕГ. Новата опрема ќе овозможи преглед на 4.400 пациенти годишно, кои моментално се во исчекување на соодветна терапија.

13.03.2014 - 09:32
Фото: 
Новатв.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега