Иванов се сретна со делчевчани
Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, денеска престојуваше во работна посета на општина Делчево, каде заедно со градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански и претседателот на Советот Драган Христов имаа средби со граѓаните од селата Стамер, Град, Вирче, Тработивиште и Разловци.
Иванов од своите домаќини беше информиран за предвидените и реализираните проекти, како што е изградбата на патот од село Стамер до село Град, решавањето на потребите од водовод и канализација и други проекти од комуналната инфраструктура, кои имаат за цел натамошен напредок и развој на општината.
- Каква Македонија градиме, таква ќе ја имаме. Затоа Ве повикувам заеднички, без разлика на партиска и верска определба, во соработка со локалната самоуправа да ги идентификувате и да ги решавате потребите во своите средини, да создавате услови за подобар живот во вашите населени места за вас и за младите генерации, порача претседателот Иванов на средбите со граѓаните од општината Делчево, пренесе МИА.
Шефот на државата оствари средба и со стопанствениците од Делчево. Тој посочи дека во изминатите пет години, во рамки на своите активности и посети во странство, ги промовирал можностите за бизнис што ги нуди Република Македонија и дека работел на поврзување на домашните со странските бизнисмени.
Беше информиран дека се работи на планирање на отворање на нови технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) во земјата, од кои треба да биде лоцирана во општина Делчево. Веќе е изработена планската документација за зоната и во моментов се вршат геомеханички и хидрогеолошки истражни работи на терен. Со ТИРЗ Делчево би се искористиле поволностите кои економската зона ги нуди за поттикнување и привлекување на инвестиции, како и отворање нови работни места, со што истата ќе биде од особено значење за општината и нејзините жители.
Претседателот Иванов од своја страна ги повика бизнисмените да ги искористат поволностите што се нудат со владините мерки за да го развијат нивниот бизнис и воопшто овој регион. Сугерираше и дека локалните стопанствени треба да ги искористи можностите за прекугранична соработка која може да се финансира од фондовите на Европската унија за таа намена, како и поволните кредитни линии од Европската инвестициска банка до кои пристап е обезбеден од Владата.
Инакуи, во село Тработивиште претседателот Иванов непосредно разговараше со неколкумина земјоделци и пензионерии, при што беше информиран за искористеноста на земјоделските површини, подигањето нови овошни насади и стимулациите што ги добиваат од државата.
Претседателот Горѓе Иванов во селото Разловци го посети Спомен домот на Разловечкото востание од 1876 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа