Скопјани кои имаат 100 кривични дела зад себе направија уште една измама

 

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против 75-годишниот Б.З. 52-годишниот Е.Н. и 40-годишниот Р.Ј. поради измама.

МВР соопшти дека на крајот од декември минатата година  А.Ј., управител на „Бај Мелк“, претпријатие кое се занимава со преработка на млеко и млечни производи со седиште во село Требиште, поднесел пријава против тројцата скопјани поради „измама“. Известувањето до Основното јавно обвинителство било доставено на 23 декември лани.

Од разговорот со А.Ј констатирано е дека во текот на ноември 2012 година, тројцата скопјани дошле во неговата фирма при што Б.З. се претставил како управител на фирмата „Трго тет гроуп“, а Е.Н. и Р.Ј. како вработени. Се претставиле како заинтересирани купувачи на земјоделско - сточарски производи и изјавиле дека нивната фирма соработува со детски градинки на подрачјето на град Скопје, поради што им се потребни производите од фирмата на А.Ј.

На 28 ноември 2012 година склучиле договор за деловна соработка и во три наврати им биле испорачани разни стоки во вредност од 834 илјади денари. За производите секогаш имало соодветна писмена документација - испратници, со наведен рок за плаќање од 15 дена и приемот лично го потпишувал Б.З., додека превозните трошоци-транспортот во износ од 2.000 денари го исплаќала Е.Н. која се преставувала како секретарка. По подолг период не било извршено никакво плаќање, а испораката била прекината по што повеќе обиди оштетениот се обидел да оствари контакт со должниците, но не успеал бидејќи тие веќе биле отселени од просториите каде што работеле.

Од Централниот регистер била обезбедена тековната состојба, историјатот со промени и историјатот на банкарските сметки за ТРГО-ТЕТ ГРУП ДООЕЛ Скопје, а од Алфа банка АД Скопје обезбедена е листа на блокади на сметката на правното лице.

- Од увидот во документацијата утврдено е дека правното лице е основано на 6 февруари 2011 година, сопственик и управител е Б.З и сметката на правното лице била континуирано блокирана почнувајќи од 15 октомври 2012 година, се вели во соопштението.

СВР Скопје против тројцата пријавени поднесе и кривична пријава од 23 август минатата година заради постоење на основано сомнение дека сториле уште едно кривично дело „измама“. Оштетиле повеќе правни лица во износ од 2.666.547 денари, во период од јули 2012 до февруари 2013 година, со лажно прикажување на факти дека фирмата „Трго-тет-гроуп“ е ликвидна и со добар бонитет, прикривајќи го притоа фактот дека има блокирана жиро-сметка.

Тројцата пријавени и се веќе познати на полицијата. Против Б.З. се поднесени 12 кривични пријави за извршени 100 кривични дела од кои половината се „измама“, како и кривични дела од областа на имотните деликти и економскиот криминал, за кои, пак, од страна на надлежен суд му се изречени 31 казна затвор, од кои три се условни и две парични казни. Четири кривични пријави за „измама“ имала и Е.Н., од кои за едно од надлежен суд и е изречена условна казна затвор. Р.Ј. имал 20 кривични пријави, за извршени 34 кривични дела од кои 22 се „измами“, а останатите од областа на јавниот ред и мир и имотните деликти, за кои од надлежен суд му се изречени 16 казни затвор од кои 10 се условни и три парични казни.

10.03.2014 - 12:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега