МЗТ со предлог до Работнички: Вечното дерби да се игра во СЦ Борис Трајковски

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром покрена иницијатива двата меѓусебни дуели со екипата на Работнички во рамките од домашната Суперлига да се играат во нашата најголема сала, односно Спортскиот центрар „Борис Трајковски“.

- Со цел враќање на сјајот на вечното дерби помеѓу двата најголеми кошаркарски колектива во Македонија сметаме дека во заеднички интерес е и на клубовите и на сите љубители на спортот овие мечеви да се одиграат во нормални услови и тоа да биде вистински кошаркарски празник. Иако тимот на МЗТ Скопје Аеродром веќе втора година своите натпревари во АБА лигата и Еврокупот ги игра во СЦ „Борис Трајковски“, не може да се каже дека тоа е класичен домашен терен поради локацијата на најголема сала која се наоѓа во Општина Карпош, соопштуват од МЗТ.

Раководството на шампионот смета дека единствено во „Борис Трајковски“ искрените љубители на кошаркарскиот спорт ќе можат да ги проследат овие дерби средби на едно високо ниво.

- Преполни трибини, подршка на двата клуба од своите симпатизери, дуел помеѓу моментално првопласираниот тим во регуларниот дел од домашното првенство и тимот кој две години со успех настапува во АБА лигата е она што секој искрен љубител на спортот во нашата држава ќе сака да го види организирано на едно повисоко ниво. Во минатото КК МЗТ Скопје Аеродром прифати дерби мечевите помеѓу овие два тима да се играат во СЦ „Борис Трајковски“ и покрај тоа што настапуваше во салата „Јане Сандански“, па сега се надеваме дека и КК Работнички ќе ја прифати оваа иницијатива за што поголем број на љубители на кошарката бидат дел од дерби натпреварите, што ќе значи поголема афирмација на мак-баскетот и на спортот воопшто, истакнуваат од клубот од населбата „Аеродром“

МИА

10.03.2014 - 12:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега