Македонскиот сојуз во Шведска: Сакаме плурални избори во дијаспората
Резултатите од неодамна спроведената онлајн анкета со македонски државјани, кои живеат во странство, од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - Скопје, а во однос со запознаеноста со правото и можноста да се гласа во странство, во основа реално ги одразуваат состојбите во однос на оваа проблематика, смета Претседателството на Македонскиот сојуз во Шведска (МС).
Анкетата покажува дека мнозинството, односно 84 отсто, од македонските државјани, кои живеат во странство до сега се запознале со таквото право. Голем дел од испитаниците или 67 отсто не знаеле како да поднесат пријава за да гласаат во дипломатско-конзуларните претсавништва на Република Македонија.
Поаѓајќи од сопствените сознанија, Претседателството на МС се согласува со констатацијата за недоволна информираност во дијаспората за пријавување за гласање, пишува МИА.
Многумина не го пријавиле своето заминување од Република Македонија подолго од три месеци, што претставува законска обврска во однос на пријавување на живеалиштето.
И во иднина ќе биде неопходна широка информативна кампања насочена кон избирачите во дијаспората, за да може да се дојде до јасни сознанија, во што се состои разликата на статусот на „избирачот во татковината“ од статусот на „избирачот во дијаспората“.
Претседателството на МС сугерира на уште еден аспект од суштстествено значење. Како на претходните парламентарни избори, така и во пресрет на претстојните претстедателски и вонредни парламентарни избори во април годинава, меѓу избирачите во дијаспората, пред се оние од македонска националност, е присутна и активна главно владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Многумина избирачи во дијаспората се уште немаат доволно изградена свест дека промените во Изборниот законик, со кој се овозможи гласање во дијаспората, сепак треба да го следат плуралниот, повеќепартиски амбиент врз кој, уставно се темели демократскиот политички систем во Република Македонија на парламентарните и претседателските избори, кои произлегуваат од еден таков систем, како натпревар на повеќе политички партии со свои програми.
- Другите значајни политички партии, и тоа пред се СДСМ, како однапред да го прифатиле изборниот пораз во дијаспората и воопшто не се појавуваат меѓу иселениците, а поради таквата определба можеби одењето меѓу избирачите во странство го сметаат единствено како залудно трошење на средства од партиската каса, рече Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.
Како резултат на таквиот однос, во предизборната кампања во дијаспората на претходните парламентарни избори, според него, речиси целосно отсуствуваше претставување на пратенички кандидати во изборните единици во дијаспората. Меѓу мнозинството избирачи во странство остава впечаток дека треба да се гласа за партијата. Притоа станува помалку важно која личност во својство на пратеник ќе ја репрезентира дијаспората во Собранието на Република Македонија.
Според Претседателството на МС, досегашните искуства одат во прилог на тезата дека македонската Влада во наредниот период треба да покрене иницијатива за усвојување на законски решенија во Собранието, со кои и во дијаспората ќе се овозможат соодветни услови за плурална изборна трка и претставување на политичките партии и нивните програми, доколку навистина основната интенција е на македонските избирачи во дијаспората да им се овозможи рамноправно учество во изборниот процес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа