Спречен осмомартовски протест во Турција

 

Турската полиција синоќа го затвори паркот Гези во центарот на Истанбул и не дозволила одржување на осмомартовски протест откако голема група жени се собрале околу плоштадот Таксим во Истанбул на протест со цел да се насочи вниманието на институциите и јавноста кон убиствата и насилствата врз жените.

Според бројот на убиства на жени, Турција се наоѓа на едно од челните места во светот.

- Не сакаме повеќе убиства на жени. Сите сме Таксим, сите сме отпор, скандирале учесничките на протестот, приближувајќи се кон плоштадот.

Тие се обиделе да достават декларација, во која ги повикуваат Владата и надлежните институции да преземат мерки за заштита на животот и безбедноста на жените во Турција, но полицијата интервенирала и не им дозволила да протестираат. Оклопни полициски возила го блокирале плоштадот Таксим, а полицајци со штитови започнале да ги туркаат демонстрантите кон споредните улици. Дошло и до судири, во кои неколку жени биле повредени.

Сличен собир се одржал и на еден од поголемите булевари во Истанбул, каде имало неколку стотици жени, но и таму полицијата интервенирала.

09.03.2014 - 10:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега