Навалете на Скопски саем - почнуваат саемите на градежништво и недвижности

На Скопскиот саем од денеска до 8 март ќе се одржува 11. Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација, како и 4. Саем на недвижности и инвестиции - RealExpo. На отворањето свое обраќање ќе има вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. 

Најавено е учество на над 300 компании од Македонија, регионот и пошироко, како и на инвеститори во рамките на RealExpo. Се очекуваат 15.000 посетители.

На саемот за градежништво ќе бидат понудени производи и услуги за работа, модернизирање, одржување и опремување објекти и имоти. Акцентот ќе биде ставен на новите материјали кои обезбедуваат енергетски заштеди. Се очекува тој да го привлече вниманието на експертите од областа на градежната индустрија и да овозможи средби, дискусии и склучување зделки.

Компаниите секој ден ќе одржуваат промоции на производи, а последниот ден Агенцијата за енергетика ќе презентира енергетски пасоши.

На саемот на недвижности ќе бидат понудени над 3.000 станови во Скопје, Охрид и Струмица од повеќе домашни и од една странска компанија, ќе бидат промовирани нови објекти, како и поволни услови за купување станови преку кредити од комерцијалните банки.

Оваа година за прв пат ќе биде организирана и наградна игра - „Награда за надоградба“, со која на најсреќните посетители ќе им бидат доделени вредносни ваучери од 700, 500 и 300 евра во денарска противвредност, кои ќе можат да ги искористат за производи од програмата на изложувачите на Саемот на градежништво 2014. 

04.03.2014 - 08:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега