ЕУ не седи мирна - ако продолжи кризата со целни мерки кон Русија
Министите за надворешни работи на земјите-членки на ЕИ на денешната вонредна средба во Брисел, усвоија заклучоци со кои се предвидува суспензија на подготовките за учество на државите од Унијата на Самитот на Г-8во јуни во Сочи, како и воведување на целни мерки против Русија, доколку руските трупи не се повлечат од реонот на Крим, јави дописникот на МИА од Брисел
Како што соопшти на прес-конференција високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Кетрин Ештон, денешниот министерски состанок, втор вонреден за само две недели, се одржал поради тоа што Унијата е „крајно загрижена од развојот на настаните во Украина“.
- Дискутиравме повеќе часови и во денешните заклучоци, министрите за надворешни работи го осудија јасното нарушување на територијалниот интегритет на Укриана од страна на руските воени сили и давањето дозвола од страна на рускиот Совет на Федерацијата за употреба на армијата во Укриана. Ова е руско нарушување на меѓународните обврски, посочи Ештон.
Според Ештон, потребно е мирно решение на оваа криза со целосно почитување на меѓународното право. Во име на Советот за надворешни работи, Ештон ја повика Русија итно да ги повлече своите трупи во базите на Крим, спгласно договорот со Украина.
Ештон, исто така, ја повика Русија да одговори на барањето на украинските власти за итни консултации на сите потписнички на Меморандумот за мир и пријателство на двете земји од Будимпешта од 1994 година.
- Сакаме продолжено промовирање на дијалогот за мирно решение и продолжување на посветеноста на меѓународните организации, како Обединетите нации и ОБСЕ. Ја поздравуваме можноста ОБСЕ да испрати набљудувачи за утврдување на фактичката состојба во Украина. ЕУ ќе одлучи какви консеквенци ќе има по билатералните односи со Русија од нивниот однос во Украина. Суспендирани се разговорите за Самитот на Г-8 во Сочи, но и за визна либерализација и размислуваме за воведување на целни мерки. Стоиме зад напорите на новата влада на Украана за стабилизација на состојбата и придаваме важност на вклучувањето на сите нивоа на власта, вклучително и на регионите, во заштитата на националните малцинства, додаде Ештон.
Таа посочи дека ЕУ работи со меѓународната заедница и финансиските институции, како Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), за одобрување меѓународен финансиски пакет за Украина за економските реформи во земјата. Таа потврди и дека Советот стои зад Мисијата на Европската комисија за утврдување на економската состојба што наскоро започнува во Киев, а дека останува и понудата до Украина за потпишување на Договор за асоцијација со Европската унија.
- Претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј останува отворен за закажување на итна седница на шефовите на државите или владите на земјите-членки на ЕУ. Важно е до состанокот на Советот, да сториме се што можеме за деескалација на состојбата. Се водат многу дискусии меѓу земјите-членки на ЕУ, институциите на Унијата и лично од моја страна со Владата на Киев, каде досега бев многупати и се разбира најважно - дискутираме со Русија. Ние имаме амбиција да се види подобрување на ситуацијата и ако тоа не се случи, тогаш курсот е поставен од страна на Советот за надворешни работи и Европскиот совет на состанок ќе треба да размисли какви насочени мерки и дополнителни одлуки на самите земји-членки ќе преземе, посочи Ештон.
Таа нагласа дека ЕУ очекува „руските сили треба да се вратат во базите од каде излегоа, без согласност на Украина”.
- Сериозна е загриженоста од прелетите на авиони во воздушниот простор на Украина. Од Русија бараме информации за извештаите за движење на трупи и руски армиски лица. Јасно е дека ЕУ сака ситуацијата да деескалира и руските трупи да се вратат на позициите каде што беа пред сето ова да започне. Ние високо ги цениме односите со Русија и сакаме земјата да разговара со луѓето во Украина, со украинската Влада. Треба да се разговара, Владата на Украина се движи кон избори, бара поддршка за економијата и сака да види политички инклузивни реформи. Сето тоа треба да се одвива брзо, појасни високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија.
На прашањето дали има контакти со руските официјални лица, Ештон додаде дека е важен дијалог на секое ниво за деескалација на настаните. Таа потврди дека утре ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, како и дека во исто време, нејзините колеги од земјите-членки разговараат со други високи официјални лица од Русија со цел ситуацијата во Украина да се реши мирно и што е можно побрзо.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа