Почна обновата на средновековната тврдина Цареви кули во Струмица

Во рамки на проектот „Наследство“ финансиран од ЕУ преку ИПА-Програмата за прекугранична соработка, денеска почна втората фаза од обновата на средновековната тврдина Цареви кули над Струмица.

Проект-менаџерот Ѓоко Ристовски истакна дека во оваа фаза ќе бидат преземени повеќе градежни работи за реконструкција на бедемите на оваа средновековна тврдина.

- Во наредните неколку месеци на северната страна на тврдината, над градот Струмица, ќе се конзервира и реконструира кула во висина од 11 метри со 12 градобрани, а ќе се обнови и бедемот во должина од 22 метри. Слични активности ќе се спроведат и на Јужната кула, како и на  останатиот дел од бедемите на  тврдината. Вкупната инвестиција на овие работи изнесува 12,3 милиони денари, финасирани од Европската унија, рече Ристовски.

Тој нагласи дека во пресрет на 1000-годишнината од Беласичката битка, ќе бидат уредени пешачките патеки во тврдината и осветлен објектот, со што тој ќе биде нова туристичка атракција за домашните но и за странските туристи. 

ФОТО: А1 Он

03.03.2014 - 17:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега