ВМРО-ДПМНЕ избира претседателски кандидат за претстојните избори
ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржи Конвенција на која 1.300 делегати треба да изберат претседателски кандидат за претстојните избори на 13 април.
Делегатите ќе избираат меѓу четворицата кандидати кои доставија свои кандидатури до партијата - актуелниот претседател Ѓорге Иванов, универзитетскиот професор Јове Кекеновски, магистерот на науки Божидар Ночев, како и адвокатот и поранешен државен јавен обвинител Ставре Џиков. Секој од кандидатите ќе има еднакво време и право за претставување пред делегатите.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа на седница расправаше и за одржување на предвремени парламентарни избори, откако коалицискиот партнер во Владата ДУИ најави дека ќе поднесе барање за распуштање на Парламентот и распишување парламентарни избори.
Доколку биде постигнат договор за предвремени парламентарни избори, најчесто спомнувана можност во јавноста беше тие да се одржат на 27 април, паралелно со вториот круг од претседателските. Во таков случај Собранието треба да се самораспушти во првата недела од март, а тие да бидат распишани во периодот од 10 до 13 март.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа