Во поликлиниката во Драчево пуштен е со работа РТГ кабинетот

Од  денеска  во поликлиниката во Драчево почнува со работа РТГ кабинет. Кабинетот ќе работи секој работен ден во прва смена, а услугите ќе се извршуваат преку „Мој термин“.

 Билјана Беличанец Алексиќ и директорката на ЈЗУ Здравствен Дом-Скопје Татјана Баевска Вучковиќ го пуштија во употреба кабинетот.

- Следејќи ги потребите на граѓаните и залагањето за доближување на здравствените услуги спрема место на живеење, беа превземени активности за подготовка на простор, опрема и кадар за отворање на РТГ кабинет во поликлиника Драчево. Во рамките на активностите на кабинетот ке се врши РТГ снимања на сите органи и скелет и ЕХО дијагностика на стомачни органи, изјави директорката Баевска Вучковиќ.

Кабинетот е опремен со комплетно сервисиран постоечки апарат од друга служба во институцијата.

Градоначалничката Беличанец Алексиќ истакна дека корист од отворањето на овој кабинет ќе имаат 60 илјади корисници на здравствените услуги на поликлиниката Драчево. 

- Почетокот на работата на кабинетот ќе им овозможи на сите пациенти од овој дел на градот,  кои имаат потреба од ваква услуга,  да ја добијат побрзо и поблиску до своето место на живеење.  За вработените во установата, современо опремените специјалистички кабинети значат подобри работни услови, потенцира Беличанец-Алексиќ.

Таа потенцира дека општина Кисела Вода и понатаму ќе продолжи да соработува со ЈЗУ Здравствен дом-Скопје и да се залага за воведувањето на нови специјалистички услуги бидејќи, како што рече, сметаме дека здравството мора да биде достапно за секого.

Во изминатите две години во поликлиниката Драчево беа отворени Кабинет по интерна медицина, Кабинет за оториноларингологија. По добивањето на нов софистициран биохемиски анализатор од Министерство за здравство, пациентите добиваат комплетни биохемиски услуги, а од декември 2012 година отворен е и пункт на Итната медицинска помош.

 

28.02.2014 - 14:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа