Премиерот Груевски на бизнис средби со заинтересирани инвеститори во Германија
Во рамки на посетата на Германија, премиерот Никола Груевски заедно со економскиот тим денеска посети повеќе компании каде на претставниците им се претставени можностите за инвестирање во Македонија.
- Германија е европската локомотива, локомотивата на развојот на европската економија. Затоа сме тука повторно со владина делегација на чело со премиерот за да ги посетиме Штудгард, Дизелдорф и сите околни места каде што пак е центарот на автомобилската индустрија, онаа во која и досега имавме најголем успех во привлекување на странски инвестиции, која има најдобар потенцијал за во иднина да се префрлат инвестиции и работни места во Република Македонија, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Посетава, како што рече, ја искористивме за одржување на бизнис форуми во Дизелдорф и Штудгард и задоволни сме од посетеноста, од бројноста на фирмите и интересот што го покажаа.
- Останатиот дел од времето го искористивме да направиме и директни посети на неколку фирми во овој регион, каде со првите луѓе на тие фирми разговаравме за можноста да се запознаат прво со Македонија, со условите што ги нудиме во сите области и евентуално понатаму да решат да го преместат делот од својот бизнис во Република Македонија, рече Ставрески.
Тој додаде дека постои извонреден интерес и оти атрактивно делуваат условите што ги нудиме, и во делот на даноците, во делот на квалитетот на работната сила и можностите што ги нудат слободните зони.
- Очекувам во еден нормален временски период да продолжат овие разговори. Да се реализира посетата на овие фирми во Македонија и евентуално да дојде до реализација на инвестициите и отворање нови работни места како што и досега успеавме да привлечеме некои германски компании во делот на автомобилската индустрија, како Дрекслер Маер, Кромберг и Шуберт, Маркат и останати, истакна Ставрески.
Како што јави известувачот на МИА, вечерва се одржува бизнис форумот во Штутгард, во соработка со Фајненшл тајмс.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа