Порака во спомен на претседателот Трајковски во американскиот Конгрес
Конгресменката Кендис Милер, која претседава со групата за пријателство со Македонија во американскиот Конгрес, вчера до конгресната архива достави изјава по повод 10-годишнината од падот на владиниот Кингер кај Мостар, во кој животот го загубија претседателот Борис Трајковски, шест членови на придружбата и двајцата пилоти.
- Претседателот Трајковски беше член и пастор на Методистичката црква на Македонија, и неуморен поборник за верска толеранција, верски слободи и решавање на конфликти. Тој беше човек со силна вера, која го упати да го води процесот на помирување низ неговиот дел од светот. При неговата инаугурација во 1999 година, претседателот Трајковски вети дека ќе биде претседател на сите граѓани, без разлика на нивната етничка или верска припадност, или политички позиции и нема да дозволи етничката омраза и нетолерантноста да ја поткопаат стабилноста на Македонија. Како заменик министер за надворешни работи, тој ги поддржа напорите на САД и НАТО против Србија, и овозможи силите на НАТО да се распоредат во Македонија при што Македонија прими 400.000 косовски бегалци. Претседателот Трајковски ја покажа неговата посветеноста да работи со сите етнички групи во Македонија, што помогна да се одбегне граѓанска војна. Работеше да го обезбеди мирот и да ја интегрира Македонија во меѓународната заедница, стои во пораката на конгресменката Милер.
Како знак на бладораност до претседателот Трајковски, стои во пораката, претседателот Џорџ В. Буш и државниот секретар Колин Пауел ја признаа Македонија под уставното име во ноември 2004 година.
И Обединетата македонска дијаспора објави соопштение по повод 10- годишнината од смртта на претседателот Трајковски.
- Претседателот Трајковски засекогаш ќе остане запаметен како скромен, храбар и решителен човек, со глобална визија за Македонија кој секогаш ги ставаше својата земја и народ пред неговата лична слава. ОМД верува дека визијата на претседателот Трајковски за општество засновано врз демократија, владеење на правото и слободна пазарна економија и конечно општество засновано врз доверба ќе надвладее и Македонија ќе биде дел од евро-атланските институции. Претседателот Трајковски беше неуморен поборник за целосно признавање на македонското уставно име од меѓународната заедница, и го постави патот за признавањето од страна на САД во ноември 2004 година, кое не успеа да го доживее, се вели во соопштението на ОМД.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа