Владата ќе одвои 15 милиони евра за развој на семејни бизниси во руралните средини

 

Владата со средства во износ од 15 милиони евра ќе поддржи отворање нови или проширување на постојните семејни бизниси во руралните средини

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев денеска посочи дека средствата на Владата ќе бидат наменети за покривање на 50 проценти од инвестицијата за отворање или развој на семејните бизниси. Најмала инвестиција за која граѓаните ќе можат да побараат поддршка е во висина од 3.000 евра, а Владата ќе покрие половина или 1.500 евра, а највисоката сума може да достигне до 300 до 400 илјади евра од кои половина како поддршка ќе ги обезбеди Владата.

За анимирање на граѓаните Владата подготвува кампања во која претставници на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и Агенцијата за вработување на Република Македонија на терен ќе им објаснуваат во кои се сфери може да се добие поддршка од Владата и помош при изготвувањето на бизнис-плановите. Основен услов кој треба да го исполнат граѓаните за да добијат финансиска поддршка од Владата покрај бизнис-планот е да ги имаат исполнето обврските по основ на даноци и придонеси, и да се од руралните средини.

најчитано сега