Британска поддршка за евроинтеграциите на Македонија

 

Maкедонскиот премиер Никола Груевски синоќа по конференцијата на ЕБОР во Лондон, на која учество земаа сите премиери од Западен Балкан, еврокомесарот за проширување Штефан Филе и претседателот на ЕБОР, оствари средба со членови на британскиот Парламент кои се дел од групата поддржувачи на евроинтеграцијата на Република Македонија. 

- Имавме можност да имаме заедничка вечера со група поддржувачи на Македонија овде во Англија со некои луѓе што се во Парламентот - пратеници, лордови, баронеси и луѓе од високиот естаблишмент коишто редовно и даваат поддршка на Македонија кога е тоа потребно. Важно е да се има контакти и да се одржуваат контактите со такви луѓе бидејќи кога се најмногу потребни тие се тука да помогнат, да го дигнат својот глас, да потсетат нешто што е важно за нашата држава така што ми беше задоволство оваа вечер да седнеме на заедничка вечера и да им се заблагодарам за досегашната поддршка. Тоа беше моност и да размениме информации и видувања за идните чекори што ги планира Република Македонија. Добро е да бидат информирани во овој правец затоа што тие се многу често гласноговорници на она што го работиме во најпозитивна смисла на зборот и треба да се негуваат тие односи, истакна Груевски.

Според шефот на Комисијата за ЕУ во Британскиот парламент, Лорд Тимоти Босвел, Македонија наскоро ќе стане дел од Унијата.

- Задоволство ми е што го запознав вашиот премиер. Имавме многу успешен ден овде во Лондон. Се надевам дека наскоро во процесот на евроинтеграции ќе можеме да и посакаме добредојде на Македонија како наш иден партнер, истакна Босвел по средбата.

Карен Лумли, член на Парламентот и претседател на парламентарната група за соработка со Македонија, најави дека наскоро ќе ја посети земјава.

- Македонија е многу добар пријател на Велика Британија. Чест ми е што сум претседател на Парламентарната група за соработка со неа. По изборите ќе дојдам со своите колеги од Парламентот да се запознаеме со новиот претседател, рече Лумли.

Груевски на маргините на конференцијата оствари средба со еврокомесарот Штефан Филе и со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Вилијам Хејг.На средбата која ја имаа со премиерите од регионот, се зборуваше за искористување на потенцијалите за економски развој како и одржување напредок, кој е важен за целиот регион.

25.02.2014 - 11:24
Фото: 
MIA

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега