РАСТЕЊЕТО БОЛИ 3 – КОГА БЕВ ,,КУЧЕ’’!

 

автор: Уна Николоска 8. одд. (деветолетка), 13 години

Мамо што значи зборот мобинг? Таа ми објасни. Од нејзиното толкување веднаш го разбрав значењето на зборот... Па јас  сум имала искуство на таа тема и без да знам.

Eднаш, не баш многу одамна јас бев дете од предшколска возраст. Наивно, глупо, со полно срце љубов и желба за дружба во заедничките игри на групата. Она најрано детство  ми беше и најгорчливото искуство, во животот.

Од денешна перспектива се работело за сосема небитни настани и чисти детски глупости, па се прашувам, како воопшто е можно се уште добро да се сеќавам на нив. Тоа е веројатно како со лузната на ногата, која ја имам од едно несмасно возење тротинет, само овој пат лузната е на душата.

Во мојата училница имаше многу играчки, ние седевме во групи по шестмина, секоја група добиваше одреден вид играчка (кујнски прибор, ситни коцки, крупни коцки, бебе и количка, боички за цртање и боенка, „сет за шминкање“ и што уште не!).

Во мојата група, многу често се играше измислена игра „фамилија“. Се делеа улоги: брат, две сестри, татко, мајка, слугинка, и куче. И до ден денешен не ми е јасно како јас по некаква космичка неслучајност секогаш бев кучето, или братот (кога фалеа машки во играта )?!?

,,Ти ке бидеш куче’’! - ќе одекнеше гласот на другарчето-шеф што ги делеше улогите!

Улогата на кучето беше да ползи по земја, да лае и да ги „душка“ сите. Само поради пустата желба и јас да играм нешто, наместо да седам на страна, бев глуперда со нула самопочит, па си бев куче со недели (никогаш мајка, никогаш сестра – улоги што беа престижни). Сепак, утредента пак ќе седнев крај нив, велејќи си можеби денес е мојот ден, можеби денес ќе ми ја сменат улогата...надеж пуста!

Престанав да сум ,,куче’’ кога  прекина да се игра таа глупа игра и почна да се игра со малите коцки. Малите коцки ги имаа само VIP-децата, така што можев само да сонувам да играм со нив.

 

Еден ден, шетајќи со мајка ми ги здогледав во излог:  СИТНИ КОЦКИ! Го  „излижав“излогот на продавницата за играчки, па мајка ми реши да ми ги купи. Се уште мислам дека само јас ја гледав вредноста во тие коцки. Кога ми ги купи, дома не ги ни отпакував, само чекав да дојде понеделник за да ги однесам на школо. Како и претходно: попусто имаш коцки, кога немаш мозок. Кога требаше да кажам не, или не може, или ,,не пипкај мои се!’’ - на оние кои тоа го заслужуваа, јас онемував од страв да не ми се налутат. А, и нели не е убаво да си себичен треба да се’ дели се со другарчето. Коцките  ми ги испогубија, оти ги давав на сите...

Дојдоа на ред крупни коцки. Овојпат не бев ,,куче’’, туку тој што ги носи и реди на полиците. Секој божји ден...ако некоја паднеше на под, моја работа беше да ја качам на масичка. Јас добивав само една коцка која непрекинато ја вртев во рацете додека ,,чекав работа’’. И, ако мислевте дека тука е крајот на патешествието, не е така!

Кон крајот на годината заиграа кујна, а јас имав џемпер со светки и монистра. И до ден денес не ми е јасно како им дозволував да ми ги испокинат сите светки од џемперот, со се копчињата, само затоа што ним им требаше ,,грав’’, а мене – да ме играат!  (За деталите како поминав дома, заради искубаниот џемпер, не ни сакам да пишувам).

Иако им дадов и светки и копчиња, и коцки и монистри, статусот во групата (читај ситна боранија) не ми се промени. Тогаш како најголем лузер се повлеков во себе и почнав да цртам. Цртав и цртав и цртав и цртав и цртав...!  И секој ден имав по десетина нови и нови цртежи.

Еден ден во школото дојде еден познат македонски уметник (незнам дали би сакал да го спомнам со име) кога ги виде моите цртежи одушевено рече: Ова дете е невиден талент! И ми подари негов цртеж. По тој настан моите слики се најдоа на сите паноа низ училницата. Јас бев пресреќна, но, не и родителите на моите другарчиња кои се жалеа и и замеруваа на учителката дека на паноата мора да има ,,праведна застапеност’’ во бројот на цртежите.

Тука завршува хорор-филмот од мојата предшколска група, на кој се сеќавам.

Фејсбукот е инаку тотално глупава работа. Пред пар месеци од нигде и никаде ме изнајде едно другарче од предшколска. Не ми се веруваше дека ме памети! Тоа е детето - ШЕФ НАД СИТЕ ШЕФОВИ НА ИГРИТЕ, детето што одлучуваше кому ситни, кому крупни, кому никакви коцки. Кој да е куче, кој мајка, а кој сестра. Едвај го препознав, доста се сменило. Јас имав милион прашања за другарчето од мојата предшколска, а тоа, само едно прашање за мене: ,,Уна, дали имаш се уште така долги и преубави плетенки како во предшколска , јас многу те мразев и ти завидував заради плетенките“ ...?!?!

 

25.02.2014 - 10:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега