Влатко Ѓорчев: СДСМ - Не Босна не Украина туку нешто полошо

Ги гледавте ли деновиве снимките од Украина? Од плоштадот во Kиев? Од околните улици? Од градовите низ големата украинска рамница? И има ли нормален човек кој смета дека тоа е добро? Има ли некој што аплаудира на сето тоа? Има ли некој што го посакува тоа кај себе? Нормално, нема. Во Украина се гине, насилството е секојдневие, штетите се огромни, а никој не знае како сето тоа ќе заврши. И колку ќе трае.

Е сега сетете се на сите наши локални деструктивци што посакуваа „украинско сценарио“. Цели 2 – 3 месеца заговараат Македонија да појде по патот на Украина. Демек, потребна е конфронтација, цврст став, радикализација, отпор. Според нив, потребни се демонстрации со насилство, со камења врз полицајците, да се удри врз полициските службеници, да се искршат прозорците на владата и министерствата, да се запалат повеќе објекти.

Претходно 5 години велеа дека во Македонија треба да се случат сцените од плоштадите во Грција. Знаете, запалени дуќани и продавници, стотици повредени демонстранти и полицајци, уништена туристичка сезона, а индустрија немаат, штрајкови кои 4 – 5 години ја парализираа Грција. Локалниве деструктивци преку нивните колумни, наслови, нарација, изјави и коментари посакуваа демонстрации како во Грција, за да се „испратела порака до власта“. Посакуваа насилство во Македонија, но заборавија да се прашаат:

„Што добро донесоа за Грција насилствата на грчките плоштади и улици?“.

Последниве две недели македонските деструктивци кои редовно губат на избори почнаа да се воодушевуваат на Босна. Да, Босна и Херцеговина. Се случија насилства во Сараево, Тузла, Мостар, Бихаќ, Зеница и на други места. За неколку денови се запалија околу 30 државни, регионални и локални згради во Босна, општински згради, државниот архив, стотици автомобили, неколку автобуси. Само првиот ден имаше 219 повредени луѓе, од кои 129 цивили и 90 полицајци.

Но, тоа на деструктивците од Македонија не им пречи. Тие посакуваат тоа да го видат во Македонија. На нивните интернет-портали екстатично пишуваат за „босанска пролет“ и дека, цитирам: „Босна треба да ни биде пример“. Преку нивните весници одат со наслови и пораки: „Ќе ве снајде полошо од Босна“. Особено беше карактеристичен насловот: „Револуција во Македонија: огромен број лајкови за поддршка на протестите во Босна“.

Решиле од Македонија да прават протекторат? Сакаат да ја дестабилизираат државата? Работат за туѓи агенди кои сакаат Македонија да направат трајно дестабилизирана држава? Сакаат да ги избркаат инвеститорите што решиле да инвестираат и да отворат фабрики? Спремаа претстава за Венизелос?

Сето тоа ќе беше обична дискусија и празни изјави, но една работа ги промени работите. Пред три дена партиските членови на СДСМ како „стечајци“ ја нападнаа полицијата и се обидоа да влезат во владата. Ако полицијата попуштеше, тогаш ќе прогласеа „револуција“ и дека „режимот“ се распаѓа, дека ескалира незадоволството, владата паѓа…

Ако полициските службеници реагираа остро, тогаш ќе речеа дека се тепа народот, а претходно ги подготвија сите ајфони, камери, пиксели и мегапиксели. Или „народот ќе влезеше во владата“ или „бруталната полиција тепа луѓе во години“. Во двата случаја сметаа на пропагандна победа, но се излажаа.

Полицијата реагираше воздржано. Не успеа режијата на претставата која тие ја посакуваа. И финансираа. Ја финансираа со платениот превоз со партиските автобуси на СДСМ. Не помогна ни координацијата на екс првиот разузнавач. Да, првиот човек на државната тајна служба од редовите на СДСМ на лице место, од прва рака ги следеше и координираше „спонтаните“ протести.

За крајот, еве неколку бројки и паралели кои ја откриваат агендата на нашиве локални деструктивци.

На пример, само во Атина на 12.02.2012 година беа забележани 170 чина на уривање и насилство. Во само 1 ден. За 24 часа беа комплетно уништени и запалени 70 дуќани за облека, 29 колонијали и општи продавници, 17 банкарски филијали, 5 трговски центри и 4 книжари. Ова е списокот за само еден ден, а каде се 4 – 5 години протести, цели 60 месеци или 300 недели во кои Грција буквално гори.

Фановите од СДСМ на грчките „рецепти“ треба да објаснат дека во Скопје тоа би значело комплетно уништување на дуќаните на улица Македонија, ГТЦ, плоштадот, Градски ѕид, Буњаковец, Рекорд… Тоа е само во еден ден. Нека им објаснат на скопјани што ќе значи таквата „револуција“ за градот. Плус, истото се случи во околу 10-ина града во Грција, што значи дека нашиве „револуционери“ би ги раскантале и Битола, Прилеп, Штип, Велес, Kочани, Охрид, Kавадарци, Гевгелија… Резултатот: БДП на Грција падна за околу 30 отсто, што е еднакво на штета од војна. Kој ги посакува грчките хулигани во Македонија? За разлика од Грција, Македонија има трет најголем раст на БДП во Европа.

Бројки од Украина? Досега има околу 200 загинати и околу 700 повредени. Точната бројка никој не ја знае. Љубителите на „украинско сценарио“ нека појдат во сите 70 општински организации на СДСМ и нека им речат дека од секоја бараат по 3-4 жртви. Нека појдат во сите полициски станици во Скопје и нека кажат дека од секоја бараат по 2 загинати. Тоа е паралелата што ја нудат, заговараат и промовираат локалните деструктивци. Kако поинаку да се сфати оваа изјава на нивната стечајка дадена на 18.02.2014 година во 15 часот и 57 минути, цитирам:

„Бараме владата да не си поигрува со стечајците, зашто ќе ја снајде не Босна, не Украина, туку нешто полошо“. Завршен цитат. Да, добро прочитавте: „не Босна, не Украина, туку нешто полошо“. Секоја буква е точно пренесена. Ова се опасни радикални и опасни тези што значат дестабилизација, насилство, жртви, палење и ужас.

Да, тоа го посакуваат нашиве локални деструктивци. Веќе 3 – 4 години за демократски избраната влада велат дека е „режим“. Цело време велат „диктатура“, а редовно губат на изборите. Поразени од народот на кој му донесоа транзиција и приватизација, уништени банки и штедилници, најголема невработеност без ниту една отворена фабрика, територијална поделеба, заговарајќи „виткање на ’рбетот“.

Едно е сигурно. Наскоро време Украина нема да има висок животен стандард, ниту Грција ќе ја реши невработеноста, ниту Босна ќе стане функционална држава. Барем не наскоро. За разлика од нив, во Македонија расте БДП, се отвораат фабрики, се намалува невработеноста, се градат автопати…

Затоа, одговорните луѓе од опозицијата уште еднаш да ги погледнат снимките од Украина, Босна или од Грција, од Атина, Kиев, Сараево, Солун, Лавов, Тузла, Пиреа, Зеница, Житомир… Убаво да погледнат и да размислат дали го посакуваат тоа во Македонија. Да не подгреваат конфронтации и насилство. Демократијата се избори, процедура, институции. Ако сакаат избори, веднаш можеме да ги распишеме. Граѓаните повторно ќе гласаат и нека се почитува нивната одлука.

Влатко Ѓорчев за Дневник

24.02.2014 - 22:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега