Издаден налог за апсење на Јанукович

 

По сменетиот украински претседател Виктор Јанукович се трага поради масовни убиства на цивили, јавува германската агенција ДПА, пренесува МИА.

Веста ја соопшти украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков на својот профил на Фејсбук.

- Отворен е официјален случај за масовно убиство на мирољубиви граѓани. Јанукович и други луѓе одговорни за тоа, се предмет на потрагата (на полицијата), напиша Аваков.

Тој посочи дека е издадена наредба за апсење на поранешниот шеф на државата и дека против него и други функционери е почната истрага за извршен криминал.

Министерот појасни дека Јанукович, заедно со шефот на претседателската администрација Андриј Кљуев, со автомобили од Балаклава, на Крим се упатиле во непозната насока и дека со нив немаат никаква врска, пренесоа руските медиуми.

На 21 февруари Јанукович и Кљуев со хеликоптер полетале од Киев за Харков, појасни министерот. Во Харков тие требало да учествуваат на конференцијата на пратениците од Партијата на регионите, што се одржа на 22 февруари. Двајцата преноќиле во државната резиденција во Харков и потоа хеликоптерот тргнал во правец на аеродромот во Доњецк. Таму Јанукович и шефот на неговата администрација се обиделе да отпатуваат со два приватни авиони од типот „Фалкон“, но граничните служби го спречиле овој обид за бегство. Потоа Јанукович отседнал во државната резиденција во Доњецк, каде останал неколку часа.

На 22 февруари доцна вечерта со автомобил Јанукович пристигнал на Крим. На 23 февруари тој бил таму, отседнувајќи во еден од локалните приватни санаториуми. Државните резиденции веќе намерно ги одбегнувал, пренесува БТА.

Кога дознал за одлуката на Парламентот за назначување на Александар Турчинов за вршител на должноста претседател на Украина, Јанукович под итно го напуштил санаториумот и се упатил кон аеродромот Белбек. Тој не стигнал до таму, туку запрел во приватната резиденција во реонот на Балаклава. Таму ги собрал своите телохранители и ги прашал кој од нив ќе сака го придружува во иднина, а кој ќе го напушти. Дел од неговите телохранители изразиле желба да останат на Крим и Јанукович се збогувал со нив. На нив тој им предал и официјален отказ од државната служба за безбедност. Оние телохранители, кои, сепак, одлучиле да го напуштат, биле лишени и од нивното државно оружје.

Од Балаклава Јанукович заминал во непознат правец.

24.02.2014 - 11:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега