Заврши средбата меѓу Груевски и Венизелос - еве за што дискутираа

Денеска беше одржана средбата меѓу премиерот Никола Груевски со Евангелос Венизелос, заменик претседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Грција и претседавач со Советот за општи работи на Европската Унија.

На средбата, беа разменети мислења за повеќе актуелни теми и прашања кои се од интерес за Република Македонија и нејзиниот напредок во европските интеграции. Истовремено, било разговарано за реформите и чекорите кои се преземаат од страна на државата за исполнување на критериумите и унапредување на взаемната соработка со Европската Унија.

Груевски ја поздравил посетата на Венизелос, која, како што посочил, претставува континуитет на посетите на Македонија како земја кандидатка од страна на Претседателството со ЕУ,  како и намерата на грчкото Претседателство да организира Министерски самит со земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки во април.

- Премиерот Груевски изрази убедување дека грчкото Претседателство со ЕУ ќе ги зајакне перспективите на ЕУ за Балканот во согласност со Солунската агенда. Тој истакна дека Република Македонија останува посветена на напредување и позитивен развој во однос на ЕУ агендата, како и обезбедување на силен фокус на реформите поврзани со ЕУ за што најдобра потврда е препораката на Европската Комисија, која ја добиваме по петти пат, што значи дека и Комисијата го препознава таквиот напредок. Македонскиот премиер посочи дека потребно е да се посвети внимание на продолжувањето на дијалогот за спорот за името под покровителство на ОН, но и разговори на билатерално политичко ниво кои можат  да создадат синергија за перспективно намалување на разликите за што е неопходна посветеноста и искрена волја од двете страни, се вели во соопштението од Владата.

Премиерот Груевски изразил и подготвеност да се продолжи да се работи на добрососедските односи со Грција во текот на грчкото Претседателство со ЕУ и по неговото завршување, особено посочувајќи го интересот за интензивирање на економската соработка и проширување на билатералната рамка за соработка.

20.02.2014 - 17:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега