Собранието ги донесе измените на Законот за јавни патишта

 

Собранието на Република Македонија во денешниот дел од работата по дневниот ред на 85-тата седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за јавните патишта и на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

Измените и доплнувањата на Законот за јавни патишта беа донесени едногласно со 47 гласа „за“, а измените и дополнувањата на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност,  исто така, едногласно, но со 58 гласа „за“.

 

Панче Орцев од СДСМ рече дека Дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за јавни патишта тешко ќе се имплементира и ќе направи збрка наместо да ги расчистува ситуациите.

 

- Нема ништо да реши и единствено брцнува во џебовите на граѓаните кои плаќаат во сметката за регистрација нивното возило да биде отстрането доколу остане во дефект. Сега за тоа ќе треба да плаќаат два пати доколку остане во дефект на пат кој е од локално или општинско значење, рече Орцев.

 

Во расправата за Дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност Цветанка Иванова од СДСМ рече дека како измена во овој Закон се воведува законска можност за субвенционирано вработување на лицата корисници на социјална помош и уште едно дискрециско право на министерот за труд и социјална политика.

 

- Ќе ја поддржиме измената за субвенционирано вработување, но сметаме дека е популистичка и дискриминаторска и оти не гарантира еднаква стартна позиција за сите. Во пракса ќе се субвенционира вработување на лицата кои примаат највисока социјална помош, бидејќи Владата на работодавачот му субвенционира 80 отсто од висината на исплатената социјална помош. Воедно никој нема да вработи лице кое зема социјална помош повеќе од три години, бидејќи субвенцијата ќе биде само 50 отсто, рече Иванова. 

 

Таа обвини дека на овој начин корисниците на социјална помош се ставаат во нерамноправна положба и побара висината на субвенцијата да биде иста за сите приматели на социјална помош, наместо да зависи од висината на примената социјална помош.

 

Соња Мираковска од НСДП посочи дека решението не нуди еднаков третман на сите луѓе.

 

- Ова решение не е добро и треба да се најде некоја поинаква форма. Сепак како лева партија не можеме да не го поддржиме, рече Мираковска.

 

Во реплика Бети Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека предлогот е поддржан и од репрезентативните синдикати. Законот, како што кажа, ќе биде во интерес на работниците, работодавачите и на државата, а од него најголема корсит ќе имаат оние на кој најмногу им треба работата, примателите на социјалната помош. 

 

- Во Македонија сега имаме 33.000 социјални случаи за разлика од 2006 кога беа 66.000. Субвенционирањето е позитивна мерка која ќе ги стимулира работодавачите да ги вработуваат социјалните случаи. Нивното вработување ќе се стимулира со 80 отсто од социјалната помош во времетраење од 24 месеци по што работодавачот ќе биде обврзан да ги задржи на работа уште 24 месеци. Работодавачот ќе биде обврзан да им исплаќа најмалку минимална плата, рече Кузмановска.

 

 

Во расправата заменик министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска  потенцира дека целта на дополнетиот предлог е во законското решение  да се транспонираат директивите на Европската унија.

 

-  Целта на предлог законот е да се регулираат условите и начинот на обезбедување на јавни електронски комуникациски мрежи и јавни електронски комуникациски услуги во Република Македонија. Предлогот е усогласен и со новата предлог Регулатива ЦОМ, за намалување на трошоци за поставување на брзи електронски комуникациски мрежи, односно следни генерации бродбенд комуникациски мрежи, рече Арсовска Томовска.

 

Предлогот, додаде, е усогласен и со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за заштита на личните податоци, Законот за следење на комуникациите, Законот за прекршоците и Законите од областа на градењето и експропријацијата.

 

Пратеникот Јани Макрадули од СДСМ рече дека во законското решение има и делови кои се надвор од европските препораки и директиви. 

 

- Вработените во Агенцијата се државни службеници што не е пракса во светот. Европските стандарди препорачуваат и секојдневно мониторирање на електронските комуникации, но на Владата и одговара да има партиски луѓе во АЕК кои немаат поим за комуникации за да прави што сака. Нема да најдете никаде вакво тело што ќе финансира аква парк, истакна Макрадули.

 

Тој посочи дека во земјава се уште некои радиодифузери зрачат аналоген сигнал поради што не е можно да се следат двата собраниски канали истовремено.

- Ние сме најслаби по користење на широкопојасен интернет, мобилна телефонија, смартфон телефони,... обвини Макрадули

МИА

20.02.2014 - 14:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега