Крвава ноќ во Киев - 25 лица загинаа, центарот на градот во пламен

Судирите меѓу полицијата и демонстрантите во Киев ескалираа во текот на ноќта и утрово. Според податоците од украинското министерство за здравство, 25 лица го загубија животот, а 241 се примени во болница, од кои 79 полициски службеници и петмина новинари.

Последниот напад на полицијата врз демонстрантите се случи во четири часот утрово по локално време. На плоштадот во Киев и неколку споредни улици се слушнаа големи експлозии. Полицијата употреби солзавец и водени топови во обид да ги растера демонстрантите кои запалија гуми и дрва. Во близина на плоштадот горат неколку згради меѓу кои и зградата на синдикатите што ја користеа демонстрантите за свој штаб. Киевските болници не се во способност да се справат со се поголемиот број повредени луѓе.

Амбасадата на САД во Украина ги повика сите американски државјани во Киев да не излегуваат надвор, да го избегнат насилството по улиците.

Претседателот на Украина Виктор Јанукович ја повика опозицијата да направи компромис и да се изнајде заедничко решение за кризата во името на иднината на државата.

– Секогаш сум сметал дека користењето сила е погрешен потег. Најдобриот и најефикасен начин е да се најде заеднички јазик. Да се направи компромис. Да се постигне договор. Веќе сум кажал дека во таков случај донекаде губи власта. Губи и опозицијата. Но, добива Украина, нагласи Јанукович во обраќањето до нацијата.

Претседателот ги повика лидерите на опозицијата да се стремат за мирно решавање на кризата и да се дистанцираат од „радикалните сили кои предизвикуваат крвопролевања и судири со властите“. Во спротивно, според него, „со нив ќе се води поинаков разговор“.

Протестите во Киев траат веќе три месеци откако Јанукович во ноември се откажа од потпишување на Договорот за асоцијација со Европската унија.

19.02.2014 - 09:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега