ЕУ апелира Украина да го прекине насилството

Кетрин Ештон или високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, како и повеќе европски претставници побараа денеска од власта и опозицијата во Украина итно да престанат со насилните акции и да покренат преговори за мирно решавање на кризата.

Ештон нагласи дека е мошне загрижена поради новата ескалација на насилството и извештаите за жртви додавајќи дека го осудува секој обид за насилство, вклучувајќи го и палењето партиски простории и други јавни објекти.

 

Според неа политичките лидери сега мораат да преземат заедничка одговорност за повторна изградба на довербата и создавање услови за ефикасно решавање на политичката криза.

Грчкиот министер за надворешни работи и потпретседател на Владата, Евангелос Венизелос, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, изрази длабока загриженост поради насилството во Украина.

"Апелираме на воздржаност и враќање на дијалогот", порача Венизелос преку Твитер.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе исто така преку социјалните мрежи предупреди дека насилството и конфронтациите ја загрозуваат иднината на земјата и порача дека „дијалогот е единственото решение“.

Насилството во Киев го осудија и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски и шефот на шведската дипломатија Карл Билт. Тие ја повикаа власта и опозицијата да седнат на преговарачката маса и заеднички да побараат мирен излез од кризата.

"Само дијалогот и демократијата можат да донесат решение. Сите во Украина имаат одговорност да обезбедат мирно и ненасилно решение по денешните трагични жртви", напиша Билт на својот налог на Твитер.

 

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер повика за ставање крај на крвавото насилство во таа земја и изрази стравување дека украинската Влада се враќа кон примената на насилство.

"Ги повикувам двете страни во судирот во Украина да побараат политичко решение низ преговори. Враќањето кон насилството во Украина секако не е начин да се постигне договор и добра иднина за земјата", истакна Штајнмаер по денешниот телефонски разговор со украинскиот колега Леонид Кожар.

Во меѓувреме шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак оцени на својот налог на Твитер дека насилството претставува „ќор сокак за сите страни во Украина“ и дека е потребно продолжување на поширок општествен дијалог за ситуацијата во земјата.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен исто така изрази „голема загриженост поради обновувањето на насилството и информациите за загинати лица во Киев“.

Расмусен ги повика сите страни да се воздржат од насилството и итно да го обноват дијалогот. 

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека граѓанската војна не е во интерес ниту на Украина, ниту на регионот.

 

- Позицијата на Полска е јасна - ќе продолжиме да работиме за компромис во Украина, бидејќи граѓанската војна, без разлика на нејзиниот обем, не е во интерес на Украина и на безбедноста и стабилноста во регионот, рече Туск. 

18.02.2014 - 20:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега