Европската комисија повторува: Македонија да ги почне преговорите а името да се решава парлаелно

 

Петер Стано, портпарол на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, денеска го демантираше директорот на Генералнио директорат за проширување, Кристијан Даниелсон, кој пред две недели во Скпоје кажа дека Македонија ќе ги почне преговорите за членство откако ќе го реши наметнатото прашање за името.

Во изјава за дописникот на МИА од Брисел, Стано посочи дека неформалната Влада на Европската унија останува на својот предлог-барање за отворање на пристапните преговори со Македонија и решавање на спорот со Грција во раната фаза на овој процес.

- Не сум сигурен дека господинот Даниелсон се изразил на начинот на кој е протолкуван во неговата изјава. Она што тој го кажа е и она што е генералната позиција на Европската комисија кога станува збор за Македонија. Оваа позиција е многу јасна во однос на прашањето за името и се наоѓа во стратешкиот документ кој е објавен заедно со прогрес-извештајот за Македонија минатиот октомври. Во овој стратешки документ за политиката за проширување ние велиме дека веруваме оти одлуката за отворање на пристапните преговори ќе придонесе за општото подобрување на добрососедските односи, дециден е Стано во изјава за МИА.

Според гласноговорникот на Филе, тоа е генералнио став на Брисел, додека, според него, „особено е важно да се најде зземно прифатливо решение на прашањето за името, кое ЕК го гледа како есенцијално за да се најде решение”. Сепак, тој додава дека е до земјите-членки да одлучат за отворање на пристапните преговори, откако истите ќе оценат дека сите потребни услови се исполнети.

- Ние како Европска комисија, неколку пати ја повторивме нашата подготвеност да подготвиме преговарачка рамка за да се справиме со овие прашања и да презентираме предлог за преговарачка рамка кој ќе ја земе предвид потребата за решавање на прашањето за името во раната фаза од пристапниот процес. Земјите-членки не одлучиле за ова се уште, но тие ветија дека годинава ќе се вратат на ова прашање, вели Стано.

Како што е познато, пет години по ред, Комисијата оценува дека Македонија ги исполнува условите да почне пристапни преговори, откако земјата во 2005 година стана кандидат за членство. Но, поради блокадите од страна на Грција на Самитите на Европскиот совет, барањата и оценките на неформаланта Влада на ЕУ не се уважуваат и Македонија не може да почне да преговара за членство во Унијата

17.02.2014 - 13:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега