Двајца пациенти добија бубрег од починат донор

 

Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска информираше дека на Универзитетската клиника за урологија ноќеска е направена првата кадаверична трансплатација, а двајцата пациенти добиле бубрег од починат донор.

- Тоа е голем чекор и мислам дека сите во Македонија треба да го следиме овој пример на едно семејство, кое во состојба на голема тага одлучи да помогне на други две семејства, изјави Тодоров.

Тимот од околу 50 лекари и помошен персонал, кој ја направил трансплантацијата, според него, со многу оптимизам, напорно и со голема саможртва работел на реализација на проектот.

- Целата процедура беше спроведена согласно стандардите и постапките пропишани со Евротрансплант и очекувам пациентите приматели на двата бубрега дека ќе имаат повисок квалитет на живот, нагласи Тодоров.

Докторот на Клиниката за урологија Михаил Пенев информира дека експлантацијата и трансплантацијата почнала во 1 часот по полноќ, а во 8 утрово интервенцијата била завршена.

- Уролошката клиника располага со две екипи, кои во секој момент може да извршат експлантации и трансплантации на бубрези. Имаме можности, опрема, потрошен материјал, така што ништо не фали да изведеме во секој момент кадаверична трансплантација, истакна Пенев.

Кадаверична трансплатација во Македонија последен пат е изведена во 1989 година.

16.02.2014 - 14:49
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега